Полицаецот Игор Марков ослободен за испуканиот куршум од кој загина мигрантката Фатмата – пукал кога криумчарот го фатил за врат

Полицаецот Игор Марков денеска не беше во судница да ја слушне ослободителната пресуда која му ја изрече Кривичниот суд. Марков е ослободен од обвинение за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ затоа што од неговиот службен пиштол испукал куршум во близина на Гевгелија во обид да спречи илегални мигранти да ја преминат границата, а од него загина 23-годишната мигрантка од Сиера Леоне, Фатмата Камара.

Абу Бакар, сопруг на загинатата Фатмата Камара од Сиера Леоне

Сопругот на Фатмата, Абу Бакар, во судница со солзи ја дочека ослободителната пресуда за полицаецот Марков. Судијата Ненад Савески пред да ја прочита ослободителната пресуда на која Обвинителството има рок од 15 дена да се жали, направи осврт на постапката. Судската постапка траеше повеќе од шест месеци, беа изведени докази од Обвинителството и одбраната, вербални и материјални докази.

-Од сите докази кои судот ги ценеше и поединечно и сите заедно, судот неспорно утврди дека во овој кривично-правен настан било извршено испалување од два пиштоли. Тоа е неспорно утврдено од вештачењата. Од нив произлегува дека Игор Марков со десната рака го употребил службениот пиштол, а другиот бил употребен од полицискиот службеник Мите Јаневски, кој беше сведок во постапката. Но, куршумот од пиштолот на Јаневски бил испален за заплашување на сторители на кривично дело криумчарење на мигранти – рече судијата.

Тој рече дека обвинетиот полицаец Игор Марков кој е ослободен од обвинението, со десната рака испалил од службениот пиштол, а куршумот ја погодил Фатмата Камара и тоа смртоносно.

Таа седела на задното седиште на десната страна од возило „мерцедес“, во кое сега осудениот криумчар на мигранти Кристијан Јанковски се обидувал да стави што повеќе мигранти и да ги превезе накај Србија.

-Патот на мигрантите за да стигнат на место за подобар живот е проследен со ризици и опасности. Но надежта за подобар живот е водилката што ги мотивира да се впуштат во ваков ризичен начин за остварување на нивната цел за подобра егзистенција. За тоа дека во овој процес еден мигрант го има изгубено животот Судот изразува жалење до сопругот и блиските. Овој процес беше проследен со емотивни моменти на кои ниеден нормален човек не може да биде имун. Намалувањето на болката за изгубениот живот не може да ја компензира ништо, но Судот, служејќи ѝ на правдата, своите одлуки ги носи врз основа на Устав, Закон и изведените докази во текот на постапката – рече судијата Савески.

Абу Бакар, сопруг на загинатата Фатмата Камара од Сиера Леоне

Марков е ослободен од обвинение дека на 19 април 2023 година во 6 часот кај местото викано „Стара касарна Гевгелија“ како раководител на смена на полициска станица на граничен премин „Богородица“, со службен пиштол од 9 милиметри предизвикал значителна опасност за животот и телото на повеќе мигранти кои биле собрани, при што настапила смрт на илегален мигрант.

Инаку криумчарот на мигранти Кристијан Јанковски е осуден на затворска казна. Кога Марков му се приближил, откако претходно двапати го предупредил да застане, посочувајќи му дека му се приближува полиција – Јанковски не се одзвал.

Вториот пат откако го предупредил, Марков му се приближил на криумчарот, но тој нагло се свртел, се втурнал во полицаецот, замавнал со десната рака во пределот на неговиот врат и сакал да му го одземе пиштолот, по што Марков испукал еден истрел кој фатално ја погоди Фатмата Камара од Сиера Леоне. Таа почина во болницата во Гевгелија.

Нејзиниот сопруг оттогаш е во Македонија и бара азил. Тој преку медиумите тврдеше дека полицајците после кобниот настан му понудиле да го однесат до српската граница и да му дозволат да продолжи накај Европа, но тој одбива и бара правда за својата прерано почината сопруга.

Адвокатот на оштетените, Глигорие Ќатоски, изјави дека не е задоволен од пресудата и дека се надева дека Обвинителството ќе ја искористи можноста за жалба.

Глигорие Ќатоски, адвокат на оштетените

„Секако дека не можеме да бидеме задоволни од ваквата пресуда. Ќе почекаме да ја добиеме пресудата на писмено за да добиеме образложение. Согласно Законот за кривична постапка, како полномошници на оштетен немаме право да поднесеме жалба. Тоа право го има јавниот обвинител и се надевам дека ќе го искористи“, рече Ќатоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот