
Поетот во универзумот
(Атанас Бојаровски – Планината моја патува)
Од авторите што имаат осет за комуникација на човекот со богатоприсутниот стожерен дел од Универзумот – со дрвјето, е секако, Атанас Бојаровски. Во стихозбирката „Планината моја патува“ (НИК – Наша книга, Скопје, 1971.), со првата глава „Глас од планината“ објавува 10 песни, со кои ја открива својата поврзаност со сеприсутната природа, имајќи предвид дека Атанас растел впивајќи ги родните „Смоларски природни убавини“ за да заклучи во песната „Смоларски води“:
Препорачано
„Верен сум на твојот камењарник
зашто самото сонце не е ден,
на хоризонтот пливаат огнови,
а јас ја доловувам скудноста на среќата.“
Не случајно Бојаровски првиот дел од стихозбирката го именува „Глас од планината“, во која извира неговиот продор во природата:
„Расцветуваат сините ливади на –
утринското небо.
Крвав одблесок низ гранките плиска –
Со од на плашлива срна настапува овој ден.
Ден и сонце. Земја отворена до дно.
Зад ридот нечиј глас ме вика…“
Да. Планината надвисната над неговото село Смоларе, во реонот Подгорија во подножјето на Беласица, патува со авторот, кој ја чувствува радоста од детството. Тој пее за игликата во неговиот двор ѝ посакува таа да процвета, го очекува љубопитно првиот нејзин цвет, како да е тоа негова прва рожба. Со тој цвет може да ја запре нарасната тага. Тоа е и дијалог очекуван, разврска на тагата, што не е можен во осама.
Во песната „Планина“, ја открива видената слика, како планината ја усовршува рамнотежата на нараснатите дрвја, го очекува гласот на некоја нејзина рожба. Нејзините градби се „цвет над вода“, во очекување „да никне првиот цвет“.
Авторот живее со рожбите на Универзумот. Мошне показателен е неговиот поглед кон борот, со кого комуницира како со реална појава:
„Борот
Го гледав борот во кожа на волшебник шумски.
(Тогаш паѓаше дожд и сонцето ги прегрнуваше гранките).
Денес молчам и пак го гледам борот.
Има жолта коса (и го пробива небото)
има распукана кора,
скршени раце
и едно рането око
од кое истекува болка
на земјата катранеста
Денес молчам и го гледам борот.
Тој престана да расте…“
Бојаровски води жив разговор, а читателот го приопштува боровото дрво во рамноправен жив соговорник, зашто тие егзистираат заедно во очевидна комуникација.
Но, авторот има и други соговорници и попатни пријатели. Извонреден е неговиот однос и збор кон осамениот јавор, но тој оживува и дури со молњата разговара:
„Сам сред ливадата шумоли
кога облаците го притискаат
соѕидан во луњи создава песни
и со молњата разговара…“
Поетот не ја превидува и присутната „жална врба“, што под налетот на ветрот изумира, а целата нејзина историја ја следи песнопоецот. Едноставно авторот ни открива дека живее со и во – универзумот, а не ја прескокнува ни „Маслината“, во која открива жива здрава симболика:
„Преблажен е кој прв ќе откине
од цветовите со сонце плетени.
Пресреќен е кој ќе се обвитка
со златните кадри на твојата коса.“
Во стихозбирката се интересни и следните две поглавја:
„Под допирот на ѕвездите
во чисто злато
се расковуваат
чувствата…“ и
„Дај ми ја раката“. Последната песна е „Смоларски води“, во кои плива, воздивнува, се радува, плаче по нив, поетот Атанас Бојаровски, оставајќи на идните генерации човечки патриотски и за печалбарски визии, а живее во комуникација со природните дарби – Универзумот и Човекот.
(Авторката е професорка во пензија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“