
Подземната улица зад „Рамстор“ уште долго време нема да излезе над земја
За да профункционира подземната улица најпрво треба да се изградат излезите кои потоа треба да се поврзат со новите кружни текови, а сосема е неизвесно кога тоа ќе се случи, затоа што уште се решаваат имотноправни прашања.
Само еден мост надвор од функција, како што е случајот со мостот „Беласица“, предизвика сообраќаен хаос низ градот, а колку се сообраќајните решенија низ Скопје „дотраени“ говори и фактот дека при реконструкција на која било улица, последица се закрчени улици со долги колони возила.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Што ќе се случи, пак, кога „Лимак“ ќе ја заврши изградбата на висококатниците лоцирани во близина на Рамстор мол, кога во нив ќе се населат станари, што подразбира уште многу возила во сообраќај по постојната инфраструктура во околината, која не е ниту проширена, ниту надградена, ниту е почнато да се гради она што се ветуваше?
Скопјани допрва ги очекуваат хаос и нервози во строгиот градски центар.
Амбициозниот проект што се најавува со години, но чие спроведување не е ниту почнато, предвидува сообраќаен коридор, кој од кај Тутунски комбинат ќе се спојува со подземната улица под комплексот на „Лимак“, со излез кај „Нова Македонија“. Овој коридор треба да овозможи да се растовари центарот на градот и граѓаните што се движат од Карпош, од Ѓорче Петров, побрзо да стигнат до Кисела Вода или Аеродром и обратно.
Но, за изведба на овој коридор треба време, пари и желба да се почне. Она што е засега извесно е дека „Лимак“, според договорените обврски, го изгради подземниот тунел односно улица. Засега тој е таму како што и гласи неговиот назив, под земја, затоа што за да профункционира, треба да се направат излезите, кои потоа треба да се поврзат со новите кружни текови. Кога тоа ќе се случи е сосема неизвесно.
Градоначалничката Данела Арсовска вели дека од едната страна кај Тутунски комбинат треба да има булеварско решение со еден кружен тек, а од страната на „Нова Македонија“ треба да има огромен турбо кружен тек, на нивоа, со чија изведба во централното градско подрачје сообраќајот ќе тече брзо и без застој. Според неа, проблемот за реализација на проектот бил во тоа што до 2022 година ништо не било „мрднато“, а дури потоа почнале да се решаваат имотноправните прашања.
Почнавме со решавање на првата и на втората фаза што е влезот во суштина, таму имаше експропријации, некои од институциите требаше да си извршат дислокации на нивна инфраструктура. Веќе успеавме со нив да се договориме, имаше имотноправни проблеми со три сериозни објекти, најдовме некој заеднички начин за да не одиме во судски постапки што долго траат и тука веќе почнуваме со првите две фази. А од другата страна, каде што е „Нова Македонија“, проблемот се бараките на компјутерскиот центар на Македонски железници. Самите бараки не се толку проблем, но тоа внатре што го имаат, опрема и инсталации, е нешто што не треба да прекине – рече Арсовска на неодамнешниот брифинг со новинарите, и притоа потврди дека ќе се урнат и постојните куќи што се наоѓаат на овој простор.
Според неа, откако ќе се пресели компјутерскиот центар, следниот чекор ќе биде објавување тендер за изведувач, затоа што другото, како што тврди, било завршено и биле обезбедени средства за првата и за втората фаза.
Првата фаза опфаќа булеварско решение кај Тутунски комбинат со голем кружен тек што се поврзува со подземната улица, а втората е излезот и кружниот тек кај „Нова Македонија“. Кога ќе започне изградбата, Арсовска не кажа, но како што рече откако ќе почне да се гради, ќе треба минимум две години за да се изгради, особено кружниот тек кај „Нова Македонија“, кој е проект голем како клучката кај Момин Поток, од аспект на инфраструктура, статика и друго.
Ексградоначалникот Петре Шилегов на крајот на својот мандат го најавуваше овој голем проект, со три поврзувања и три кружни текови. Според неговите очекувања, поврзувањата со подземната улица требаше да бидат готови годинава.
Сите три кружни текови за излез и влез во подземната сообраќајница се проектирани и догодина ќе ги распишеме тендерите за изведувачи. Очекувам паралелно со завршување на градежните работи за подземната улица, во 2023 година да бидат и тие готови. Според првичните процени, ќе чинат околу 22 милиони евра – изјави Шилегов во 2021 година.