
Подната фонтана на плоштад ќе „пропрска“ кога ќе заврши пандемијата
Поправката на фонтаната не е влезена во Инвестициската програма за 2022 година, што би значело дека за таа намена не се предвидени пари годинава, па неизвесно е дали тоа ќе се случи.
Речиси изминува една година откако лани, во март, возило на „Комунална хигиена“ чистејќи го плоштадот Македонија, пропадна во подната фонтана и таа оттогаш не работи. И тоа не беше првпат фонтаната да настрада од возило. Претходно, во 2017 година во неа пропадна камион додека се подготвуваше бината за пречек на ракометарите на Вардар по освоената титула на Европското првенство.
Препорачано
Подната фонтана, која е дел од проектот „Скопје 2014“ беше пуштена во употреба во 2015 година и за нејзината изградба беа потрошени 2,5 милиони евра. За разлика од другите фонтани, оваа беше вистинска атракција за децата, кои секое лето трчаа и се натпреваруваа со водените водоскоци, осветлени во најразлични бои. Сега се чини никој не си спомнува дека таа е надвор од функција и дека треба да се обнови. Зимскиот период, кога фонтаните не работат, можеби е вистинското време за нејзина поправка.
Од ЈП „Водовод и канализација“, претпријатието кое се грижи за одржувањето на фонтаните во центарот на Скопје, велат дека она на што се фокусирани е реализација на нов инвестициски циклус во рамките на нивните програми, кои се пред сѐ насочени кон обезбедување квалитетна вода за пиење за скопјани, како и зголемување и подобрување на водоводната и канализациската мрежа.
Точно е дека во еден дел од припаднатите надлежности е и фонтаната на плоштадот Македонија и нејзиното одржување. Мора да се има предвид дека кондицијата во која се наоѓа самата фонтана, би рекле дека е во една незавидна состојба бидејќи побарува континуирана грижа, која би се согласиле дека отсуствуваше во последните неколку години, а беше и предмет на неколкукратно оштетување. На двапати се случува пропаѓање на возило во фонтаната, но и нејзини елементи беа отстранети при посетата на папата во Скопје, во насока на почитување на процедурите побарани од гостите – велат од претпријатието.
Оттаму објаснуваат дека поради протоколите што се резултат на пандемијата со ковид-19, претпријатието се придружило, како што велат, кон потребата за заштита на здравјето на граѓаните, но и заложбата за зголемена хигиена на просторот и ослободување на јавните површини за да бидат граѓаните на безбедно растојание.
Направени се процени за санација и при надминување на предизвиците поврзани со пандемиските услови, кои пред сѐ зависат од процената на надлежните институции и доаѓањето на летните месеци, ќе се пристапи кон спроведување на обврската за одржување на работата на фонтаната -тврдат од претпријатието.
Поправката на подната фонтана не е влезена во Инвестициската програма за 2022 година, што би значело дека за нејзина поправка не се предвидени пари годинава, па неизвесно е дали тоа ќе се случи. Но, затоа, предвидени се средства за реконструкција на фонтаната „Лотос“ на влезот во Градски парк.
За нејзината реконструкција ќе се инвестираат 2.5 милиони денари, што всушност ќе биде и првата реконструкција на оваа фонтана по 50 години од нејзиното постоење и изградба,која потекнува од далечниот мај 1971 година. Реконструкцијата е во насока на враќање на првобитниот изглед на фонтаната и ќе вклучи: реконструкција на електро и машински инсталации, за нејзино беспрекорно функционирање, нови кабли, пумпи, цевки, млазници и нејзино осветлување. Исто така ќе бидат заменети со нови автентични делови веќе оштетените плочки и ќе се работи според првобитниот проект по кој фонтаната е пуштена во употреба од своите почетоци – објаснуваат од „Водовод и канализација“.
Претпријатието годишно троши речиси 18 милиони денари за редовно одржување и поправка на фонтаните во централното градско подрачје. Обврската за одржувањето на овие фонтани уште пред неколку години, Град Скопје, во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, му ја префрли на јавното претпријатие.
Сопственик на фонтаните е Градот Скопје, а според Одлука на Советот на Градот, за нивното одржување дадена е обврска на ЈП „Водовод и канализација“. Таквата стекната надлежност покрај главниот фокус на претпријатието, обезбедување квалитетна вода за пиење на скопјани, ја реализираме на тековно ниво. Годишниот трошок за редовно одржување, со вклучени поправки изнесува помалку од 18 милиони денари – велат од претпријатието.
Претпријатието е задолжено за одржување 12 фонтани во централното градско подрачје. Освен фонтаната „Воин на коњ“ и подната фонтана на градскиот плоштад, во надлежност на претпријатието се и тие кај црквата „Света Богородица“, „Свети Ѓорѓија“, на плоштадот „Филип Втори“ и други.