
Почнуваат велигденските пости, зеленчук со изгор цени, риба од 200 до 800 денари
Штом ќе помине оваа празнична сезона, кога луѓето купуваат повеќе и ги гледаат цените помалку од вообичаено, ќе дојде летната сезона, цените на храната веќе нема да растат, а некои ќе мора да паѓаат. Едноставно, куповната моќ на потрошувачите веќе не може да биде во чекор со нивото на цените и потрошувачката почнува да паѓа – велат пазарџиите
Од утре за православните христијани започнуваат големите велигденски пости, што значи дека од 18 март до 5 мај, се јаде риба, печурки, маслинки, мешунки и јаткасти плодови, а и многу повеќе зеленчук и овошје. Засега нема некои поголеми поместувања кај цените на овие производи, кои ионака се скапи.
Препорачано
Гравот „киргистанец“ и македонскиот пешак чинат од 200 до 250 денари, а ако верувате дека е „тетовец“ ќе го платите и до 350 денари за килограм. Црвената и зелената леќа држат иста цена, додека поради зголемената понуда на спанаќ тој се продава од 40 до 60 денари за килограм. Рибата, свежа или замрзната се нуди од 200 до 800 денари (морска), а маркетите нудат и зголемена понуда на конзервирана туна која се продава од 68 до 120 денари. Сардините во конзерва се од околу 30 до 40 денари, а пушената скуша чини до 250 денари за килограм. Компирот се продава од 40 до 60 денари, печурките се движат од 200 до 250 денари, врзоп блитва стигна до 40 денари, килограм карфиол е 80 денари, а слична цена имаат и тиквичките. Краставиците и доматите се од 80 до 150, а врзоп млад кромид со три парчиња се продава за 50 денари. Има и купчиња лути пиперки кои се нудат од 20 до 50 денари во зависност од големината. Маслинките кои исто така се една од храните кои најмногу се трошат за време на постите се продаваат од 300 до 400 денари, но сепак, најскапо е сувото и коскестото овошје кои се продава од 450 до 900 денари за килограм (ореви, лешници, бадеми, суви сливи, кајсии).
Во новата 2024 година цените на храната почнаа да се стабилизираат, со надеж дека ќе опаѓаат, а причината е едноствна – пад на куповната моќ, велат експертите. Нивните прогнози се поддржани и од светските цени на храната, индексот на ФАО продолжи да паѓа и сега е на ниво од февруари 2021 година.
-Штом ќе помине оваа празнична сезона, кога луѓето купуваат повеќе и ги гледаат цените помалку од вообичаено, ќе дојде летната сезона, цените на храната веќе нема да растат, а некои ќе мора да паѓаат. Едноставно, куповната моќ на потрошувачите веќе не може да биде во чекор со нивото на цените и потрошувачката почнува да паѓа – велат пазарџиите.
-Цените беа замрзнати ноември, а тоа е неодржливо на долг рок. Вистина е дека преработувачите на храна тешко ги намалуваат цените на месото или млечните производи, откако ќе ги покачат, но и самите бевме сведоци дека ќе мораат затоа што има се почести промоции и попусти кај трговците, со цел да се одржи прометот – забележуваат од ОПМ.