Почна процесот за заштита на македонскиот рубин

Македонскиот рубин е геолошки уникат што се наоѓа единствено во Прилеп и Мариово и е единствениот рубин во Европа кој природно се вади и обработува.

Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство, оцени Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Како што соопштија од Министертвото, министерката Сања Божиновска, беше иницијатор за почеток на еден сериозен институционален процес за заштита на македонскиот рубин – геолошки уникат што се наоѓа единствено во Прилеп и Мариово и е единствениот рубин во Европа кој природно се вади и обработува.

– На состанокот меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост беа дефинирани конкретни чекори за да се обезбеди официјален статус на македонскиот рубин како заштитено национално минерално наследство. Геолошкиот завод ги запозна присутните со веќе изработената анализа за правната заштита, која ќе биде надополнета согласно новите податоци, а дополнително беше истакната и потребата од поширока институционална координација – соопштија од Министерството.

Министерката Божиновска порача дека ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост.

Рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малиново-розева боја, која се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура. Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа кој се обработува локално. Покрај својата естетска и колекционерска вредност, тој претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и националната гордост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот