Фото: Фејсбук

Почина писателот, дипломат и академик Луан Старова

Писателот, дипломат и академик Луан Старова почина денеска на 81 година, објави семејството.

Добитник е на државните награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и на наградите „Крсте Мисирков“ за публицистика, „13 ноември“ на Град Скопје, двапати е награден со наградата „Стале Попов“ за роман на годината, Рациновото признание во 2007 за „Потрага по еден Лејбовиц“ и други. На 19 јуни 2003 година бил прогласен за почесен граѓанин на Подгорец, а од 2006 е почесен член на Албанската академија на науките. Добитник е на највисокото француско признание за достигнување во уметноста и книжевноста „Командант на Орденoт за уметност и писмо“.

Старова е роден на 14 август 1941 година во Поградец, Албанија, а семејството подоцна се преселило во Струга, во Тетово и од 1945 година во Скопје. По дипломирањето, во 1967 г. се вработил во Радио Скопје како новинар, а наредната година станал главен и одговорен уредник на емисиите на албански јазик на Телевизија Скопје. Во 1974 г. бил избран за асистент на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Француски јазик и книжевност. Во 1978 во Загреб ја одбранил докторската дисертација.

Во 1985 г. Старова бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. Во 1990 бил избран за редовен професор по предметот француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а подоцна и за шеф на Катедрата на романски јазици и книжевности. Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО, и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. Редовен член е на МАНУ од 2003.

Старова е автор на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други. Автор е на книгата „Француски книжевни идеи на XX век“, како и на „Балканска сага“, составена од 17 романи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот