Ул-Кеј Димитар Влахов - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Ул-Кеј Димитар Влахов - Фото Слободен печат / Методи Здравев

По улицата кај МКЦ се вози по крпенки, дупки и испакнати „коцки“, надлежните „заборавиле“ да ја подноват

Малку коцка, малку асфалт, па и тој во сите бои поради пополнувањата на дупките по коловозот низ годините. Вака некако изгледа улицата Кеј Димитар Влахов покрај реката Вардар, која е една од ретките и најстарите улици во Скопје, каде сѐ уште има делови од калдрма, поставена пред повеќе од половина век.

Ул-Кеј Димитар Влахов - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Ул-Кеј Димитар Влахов – Фото Слободен печат / Методи Здравев

Улицата, попозната како „коцката“ започнува од исклучокот од булеварот Крсте Мисирков и води покрај Македонската академија за науките и уметностите и Младинскиот културен центар, а потоа продолжува зад објектот каде се врши сликањето за лични документи и останати услуги на МВР. Локацијата среде центарот на градот, но и локацијата на овие институции ја прави улицата Кеј Димитар Влахов навистина фреквентна, по која дневно минуваат стотици автомобили и товарни возила.

Распространета во должина од 800-тина метри, улицата започнува со асфалтен пат, а возејќи кон МВР и бензиската на „Макпетрол“, дел од патот долг неколку стотина метри е обложен со калдрма, а потоа повторно продолжува асфалтот до нејзиниот крај.

Екипата на „Слободен печат“ на терен забележа дека активното сообраќање по оваа улица предизвикало оваа коцкеста подлога за попушти, со што некои делови од неа се повеќе испакнати од останатите, правејќи ја вистински предизвик за автомобилските амортизери и гуми.

Ул-Кеј Димитар Влахов - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Ул-Кеј Димитар Влахов – Фото Слободен печат / Методи Здравев

Асфалтираниот дел од улицата, пак, очигледно подлегнал на бројни генерациски „крпења“ од страна на надлежните претпријатија, бидејќи долж целата улица можат да се забележат некои понови, но и постари додадени слоеви асфалт што се разликуваат од оригиналната подлога.

– Секоја стара дупка е пополнувана со нов асфалт, кој со текот на времето и поради неговиот квалитет попуштил со што се направила нова нерамнина што повторно морала да биде пополнета со нов слој асфалт. Тоа е „магичен круг“, дефинитивно треба целосно да биде обновена оваа улица – вели минувач кој работи во една од околните институции и секојдневно се движи по оваа улица.

Ул-Кеј Димитар Влахов - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Ул-Кеј Димитар Влахов – Фото Слободен печат / Методи Здравев

Веќе неколку години Димитар Влахов е дел од мрежата на зонско паркирање на „Градски паркинг“, но зонското не ја опфаќа целата улица, затоа што од „пасошкото“ на МВР до бензиската пумпа ги нема препознатливите табли кои потсетуваат дека за паркирање треба да се плати.

Поради тоа, наидовме на десетици возила паркирани долж пешачката патека, меѓу кои се најде и еден товарен камион, а некои од возилата беа паркирани и среде улица или поткачени на тротоарот. Овој тип на паркирање среде пешачка патека го отежнува движењето на пешаците, со што се принудени да ги заобиколуваат паркираните возила на пешачката патека и да пешачат по коловозот.

Ул-Кеј Димитар Влахов – Фото Слободен печат / Методи Здравев

Испративме прашања до ЈП „Улици и патишта“ и до Град Скопје како надлежни за оваа улица, дали постои план за целосна реставрација на Димитар Влахов и за отстранување на делот со калдрма. Побаравме одговор и зошто не се поставени столпчиња на тротоарот зад МВР, кои ќе ги оневозможат луѓето кои си ги паркираат своите автомобили среде пешачката патека да го узурпираат движењето на пешаците, но за жал, одговор не добивме.

Земајќи предвид дека поголемиот дел главните улици и булевари во Скопје денес се целосно обновени, асфалтирани, донекаде исполнувајќи ги европските стандарди, прашање е до кога граѓаните ќе го чекаат Град Скопје целосно да ја реконструира и улицата Кеј Димитар Влахов, сместена во срцето на градот, наместо постојано да ги пополнува дупките од асфалтот, решение кое за жал има привремен ефект без траен резултат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот