Фото: ФФМ

По три децении, една фудбалска репрезентација на Македонија денеска ќе одигра натпревар во Битола

По пауза од 31 година, Битола денеска повторно ќе биде домаќин на една фудбалска репрезентација и тоа на селекцијата до 21 година во пресметката со Италија.

Последен пат кога Битола беше домаќин на репрезентативен натпревар беше далечната 1994 година. На 11 октомври, младите македонски фудбалери тогаш ги одмерија силите со селекцијата на Шпанија, која со гол на Оскар Гарсија славеше минимална победа од 0-1.

Во тој натпревар за Македонија настапија: Грујоски, Капинковски, Николовски, Герасимовски, Васевски, Ангелов, Захариевски, Ѓорѓиоски, Михајлов, Шаќири и Христов. Во текот на натпреварот влегоа и Шаиноски и Беќири, а селектор на тимот беше Јово Никушев.

„Сега, три децении подоцна, повторно сме домаќини на атрактивна селекција, младата репрезентација на Италија, која секогаш предизвикува респект и внимание. За Македонија, ова е втор натпревар во групата, откако претходно бевме поразени од Полска со 3-0, Италија од друга страна славеше победа над Црна Гора со 2-1.“

Селекторот Горан Станиќ пред овој натпревар најави дека очекува еден поразличен дуел од претходниот со Полска.

„Полска е зад нас, ги воочивме грешките и ќе се потрудиме да не се повторат утре против Италија. Имавме и низа позитивни работи од мечот во Краков. Бевме речиси егал во посед на топка, ни недостасуваше последно додавање и завршница, а головите ги примивме наивно. Еден автогол, вториот од сомнителна ситуација за офсајд и последниот по индивидуална грешка. Резултатот не е мерило за играта. Фудбалерите се подготвени за Италија. Анализиравме и планот за мечот е направен. Италија е многу поразлична репрезентација од Полска. Играат различен систем, тактички се на врвно ниво, имаат брзи крила и треба да бидеме многу внимателни“, изјави селекторот.

Натпреварот на стадионот „Петар Милошевски“ се игра во терминот од 18:15 часот.

.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот