
По откриените пропусти во дискотека „Пулс“ свадбите и матурските го чекаат исходот од инспекциите
Во моментов инспекциските служби интензивно вршат контроли на големите ресторани каде што се одржуваат прослави и свадби, но е нејасно дали кај тие што ќе бидат утврдени неправилности ќе важи мораториумот или пак веднаш ќе им бидат одземени лиценците. Екипите се на терен заедно со МВР, ДЗС и УЈП и во понеделник ќе има појасна слика за нивоата на усогласеност и сите неопходни корективни мерки коишто ќе треба да се преземат, вели Влатко Стојкоски, директор на ДПИ
Граѓани кои пред една година резервирале термин за свадба, деновиве се во паника бидејќи не знаат дали објектот кој го избрале за овој свечен чин ќе ја „помине“ строгата инспекциска контрола. Одамна е даден капарот, подготовките се завршени, а никој не им кажува дали веселбата ќе се одржи или да ќе им бидат вратени парите, ако евентуално се откаже.
Препорачано
Единствената добра вест во моментот е што во периодот додека се постите не се закажани свадби, но неизвесноста е во фактот дали ваквите ресторани ќе проработат по 1 мај? Голема нервоза владее и кај идните матуранти и полуматуранти, кои веќе уплатиле за нивната свечена вечера. Некои од дискотеките каде за оваа вечер се примале уплати, веќе им соопштиле дека прославата е откажана, а други ги држат на „стенд бај“, со порака дека сметаат дека имаат време да се поправат.
Родителите на овие деца не знаат што да прават, бидејќи се „истресле“ до даска, а покрај другите трошоци за конкретната вечер, веќе уплатиле 1.500 денари за матурската вечер, но по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ваквите угостителски објекти сега се подложни на детални инспекции и контроли. Во моментов инспекциските служби интензивно вршат контроли на големите ресторани каде што се одржуваат прослави и свадби, но е нејасно дали кај тие што ќе бидат утврдени неправилности ќе важи мораториумот или пак веднаш ќе им бидат одземени лиценците?!
-Ќерката ми е полуматурантка, првичниот договор за ресторанот кој го одбравме претходно отпадна, бидејќи е меѓу затворените. Добро е што имавме доволно време за да најдеме друг локал за одржување на училишната полуматурска прослава – изјави Ирена од Скопје. Организираните прослави за деветтоодделенците почнуваат во последните денови од мај и траат до пред крајот на учебната година.
Голема неизвесност владее и кај оние кои имаат резервирано термин за свадба, дури и пред една година. Во рестораните каде што уплатиле, креваат раменици.
-Не фаќа паника. Лани резервиравме во еден скопски ресторан, а сега не знаеме што ќе се случува. Дадовме капар, поканите се испратени, што ќе се случи ако ни откажат, бидејќи не ја поминале инспекцијата – прашува една вознемирена скопска двојка?
Влатко Стојкоски, директор на Државниот пазарен инспекторат за „Слободен печат“ вели дека до крајот на неделава треба да завршат инспекциските контроли на угостителските објекти, односно на оние кои приредуваат свадби и други веселби, а потоа извештајот ќе биде предаден до Министерството за економија и труд и до Владата.
-Работиме турбо и викендов не престанавме. Екипите се на терен заедно со МВР, ДЗС и УЈП и очекуваме во понеделник да имаме појасна слика за нивоата на усогласеност и сите неопходни корективни мерки коишто ќе треба да се преземат. Дотогаш ќе трае мораториумот, а кога ќе проработат рестораните за прослави во зависност од евентуално, забележани законски недоследности. Од тоа какви ќе бидат и дали ќе има казни или преоден период за исправање на недостатоците, ќе зависи и можното одземање на лиценците – објаснува Стојкоски.
Инаку, овие инспекции се фокусирани на проверка дали објектите ги исполнуваат минимално-техничките услови коишто ги бара законот. Колку ќе трае најавениот мораториум, Владата сеуште нема утврдено но во тој период без разлика дали се државни или приватни објекти ќе треба да се отстранат недоследностите утврдени со контролата. Контролите траат, а кога ќе завршат Владата ќе ги објави јавно.
Владата на седница на 18 март, го задолжи Министерството за економија и труд да започне со подготовки за измени и дополнувања на Законот за угостителска дејност. Овие измени ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа. Со тоа, пријавата за исполнување на минимално-техничките услови за вршење угостителска дејност, пред да биде доставена како пропратен документ во барањето за лиценца, ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат.