Пари, денари / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Платите на високообразованите се изедначуваат со платите на среднистите

Пазарот на труд наметнува нови вреднувања. Најголем број слободни места се за хигиеничари, се бараат 853, потоа оператори во кол-центар, се бараат 475 работници, се бараат 462 општи работици, а на четврто место според побарувачката се продавачи, се бараат 378. За сите овие позиции не се бара високо образование

Магацински работник во „Кам“ ќе зема почетна плата од 30.000 денари и по завршна обука ќе добива 38.000 денари плата, а со почетна плата од 30.000 денари ќе стартува и дипломиран економист и тоа со најмалку пет години работно искуство ако се вработи во државниот Институт на овластени ревизори. Вакви примери на изедначување на платите за високообразован кадар со оној со средно образование е секојдневие на пазарот на труд. Упатените објаснуваат дека и за трудот, како и за секој производ важи основниот економски закон на понуда и побарувачка, па што поголема потреба има од некоја професија, току и нејзината цена е поголема. Но, ова го наметнува и прашањето дали ниските цени за трудот на високообразованиот кадар се демотивирачки за младите луѓе и за нивното образование?

Министерката за образование, Весна Јаневска, во изјава за „Слободен печат“ вели дека е важно младите образовно да се ориентираат согласно своите афинитети, но мора да ја следат и состојбата на пазарот на труд за да бидат поуспешни. За психологот Илија Ацевски, младите сега, за разлика од порано, поинаку размислуваат во однос на сопствената професионална реализација и амбициите се водат од заработката, а не од дипломата, додека од Стопанската комора работат на воведување на практична настава во високото образование за дипломираниот кадар полесно да излезе на пазарот.

Јаневска: Важни се афинитетите, но и состојбата на пазарот на труд

Кога младите одбираат дали и во која насока ќе ја продолжат образовната надградба, секогаш треба да се водат според личните афинитети и предиспозиции, но особено е важно да имаат информации за тоа каква е состојбата на пазарот на трудот и каков тип на кадар се бара, за да си го олеснат и скратат патот од образование до вработување и што поскоро да го материјализираат влогот во знаењето, предупредува министерката за образование Весна Јаневска во изјава за „Слободен печат“.

Пр - Др . Весна Јаневска - Министер за образивание и наука - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Весна Јаневска – министер за образивание и наука – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Всушност и пазарот на труд секогаш повеќе го вреднува тоа што недостига, за да стимулира привлекување и создавање на таков тип на кадар кој е неопходен за функционирање на одредени сегменти и процеси. Тоа го прави и државата преку стипендирање на младите доколку во училиштата и на факултетите одберат дефицитарни струки. Ќе ги издвојам стипендиите за ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки. Годинава доделуваме најголема квота, 1570 стипендии – вели министерката.

Таа истакнува дека стипендиите за хемија, физика, математика, земјоделство, ветерина, шумарство, се со највисоки износи.

– Нашето општество е заситено од кадар од општествени и хуманистички науки, така и фокусот на младите и во иднина, без разлика дали одлучуваат за средно образование, или пак одбираат факултет, треба да биде стручната едукација – порачува министерката.

Од 1.300 дипломирани социолози, само стотина работат по струка

Психологот Илија Ацески вели дека младите во ова време на глобализација, социјални мрежи и секојдневно присуство на интернет, сосема поинаку размислуваат од генерациите пред нив.

– Младите, мислам на оние од 16 до 26 години, својата смисла на животот, својата егзистенција веќе не ја лоцираат на поранешните норми, да се реализираат во одреден простор. Сега веќе младината е излезана од тие граници и се води од тоа да се врзува за нешто каде што заработката ја гледа пред себе. Ако маркетите им обезбедуваат поголема плата отколку работна позиција со високо образование, ќе се заинтерсираат да работатат како продавачи. Светот е толку голем и безграничен, но од друга страна е стеснет и сведен на егзистенционалните проблеми. Тоа е судир што ги наведува младите да бараат нешто, да „намирисаат“, за да си обезбедат подобра егзистенција– анализира за „Слободен печат“ Ацески.

проф. д-р Илија Ацески – социолог /Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

 

Тој посочува дека младите не се заинтерсирани за одредени професии во високото образование и затоа што за нив и нема работа.

– Еве за илустрација. досега има вкупно 1.300 дипломирани социолози, но само стотина работат во ова струка. Другите работат нешто друго, па може да ги видите и на касите во маркетите. Тие вести брзо се шират. Значи, имаме генерации на луѓе, повеќе од 1.000 кои загубиле 5 години студирајќи за да работат нешто сосема друго – вели професорот.

За вработување не е доволно само академско знаење

Наташа Јаневска, советник за образование во Стопанската комора, вели дека проблем со високообразованиот кадар е и што нема практично искуство за да може веднаш да почне со работа.

Наташа Јаневска, Стопанска комора/Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

– Студентите излегуваат со академско и со теоретско знаење, но без практични вештини што им оневозможува и да влезат во работните процеси. Затоа, мора прво да одат на дополнитени обуки. На нас како Комора, сега фокусот ќе ни биде на високото образование и на практичната настава. Законски никаде не е предвидена практична работа и честопати тоа индивидуално го прават самите факултети, но тоа нема сериозен системски пристап. Ние се злагаме за тоа да има системски пристап, да биде вистински регулирано, а потоа да се уреди за да може да биде како дополнителен модул со кредити, за да има поголема тежина тоа што ќе се уреди како практична настава. На ова веќе работиме – вели Јаневска.

Агенција за вработување: Слободни се 8.757 работни места

 

Анализите на податоците што ги прави Агенцијата за вработување покажуваат дека има 8.785 слободни работни места (26 август), најголем број на слободни места, односно секое десетто е за хигиеничари, се бараат 853, потоа се оператори во кол-центар, се бараат 475 работници, се бараат 462 општи работици, а на четврто место според побарувачката се продавачи, се бараат 378. За сите овие позиции каде што има најголема побарувачка на работна сила, не се бара високо образование. И во кол-центрите доволно е познавање на јазикот. На пример, кол-центарот „Телеперфоманс“ има постојано конкурс за вработување, а во огласот пишува „ако зборуваш германски искористи ја можноста и работи за најголемите светски брендови од срцете на Скопје“. Од друга страна, многу помалубројни се конкурсите за работа со високо образование. На пример, градежни инженери се бараат 72, а исто толку и контролори на квалитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот