Насилство врз жени илустрација / Фото: CalypsoArt / Alamy / Alamy / Profimedia

Платформата за родова еднаквост бара преквалификување на делото: Убиството во Кочани е фемицид, ЈО не препознава родово базирано насилство

Платформата за родова еднаквост повторно реагира до Јавното обвинителство и државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски убиството на жената во Кочани да го преквалификува делото согласно член 123 став 2, точка 2а односно како фемицид при вршење на родово базирано насилство. Тие истакнуваат дека институциите не го препознаваат родово базираното насилство, и овој случај го водат како убиство на свиреп начин.

-Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово базирано насилство, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин, со што се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово базираното насилство. Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.

Вчера во изјава за „Слободен печат“ Јавното обвинителство образложи дека конечната правна квалификација за овој случај ќе зависи од доказите обезбедени во текот на истрагата.

-Меѓутоа, како квалификаторни облици, и убиството на свиреп начин и убиство на жена при вршење родово базирано насилство (кое не одговара во целост на правниот термин фемицид), се истоветни во поглед на висината на запретената санкција. Јавното обвинителство секогаш инсистира на повисоки казни за сторителите на кривични дела во смисла на специјална и генерална превенција, меѓутоа казната ја одмерува судот, наведува Обвинителството.

Тоа што и самото Обвинителство констатира дека осомничениот од Кочани, на критичниот ден, 25 септември, „од дома зел кујнски нож и знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и и задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на лице место”, е доволен доказ дека се работи за фемицид, кој како родово базирано насилство повторно не е препознаен од страна на Обвинителството, нагласуваат од Платформата за родова еднаквост.

За случајот во Кочани постои само една пријава во МВР од 16.05.2023 кога Т.М. пријавила дека подолг период У.Р. , со кого биле во љубовна врска, ја уценувал дека ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку не му даде пари. За уцената која ја добивала сега убиената жена на 31.05.2023 ОВР Кочани до кочанското ОЈО доставило поднесок – известување, со службен материјал во прилог, а на 05.06.2023 до надлежното Обвинителство е доставено и дополнување на известувањето, со службен материјал во прилог.

-До јавното обвинителство нема поднесено кривична пријава за насилство, загрозување или каква било физичка закана од осомничениот кон жртвата. Единствената пријава до обвинителството се однесува на кривично дело – уцена, без никакви елементи на физичко загрозување и по таа пријава веднаш е постапено. Се преземаа дејствија, беа обезбедени докази, беше извршен и распит на оштетената, а предметот беше во постапка во моментот кога беше извршено кривичното дело – убиство, потврди и Јавното обвинителство во изјавата за „Слободен печат“.

Обвинителството потенцира дека семејното насилство како феномен, во Кривичниот законик, е соодветно препознаено и санкционирано како квалификаторен облик на повеќе кривични дела, што им дава соодветна можност на јавните обвинители да ги детектираат ваквите предмети и соодветно да ги процесуираат.

– Доколку во одредени случаи притоа се утврди дека постои опасност од повторување на кривичното дело или од можност за довршување на обидено кривично дело, јавниот обвинител задолжително во тој случај до судот предлага соодветни мерки на обезбедување – притвор или мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување до жртвата во текот на постапката, соопштија од Јавното обвинителство, одговарајќи на прашањето од „Слободен печат“ дали ЈО обвинителите редовно и брзо се постапуват при случаите на семејно насилство каде насилството е долгорочно, со цел да цел да превенира ескалација и екстремна форма на насилство.

Платформата за родова еднаквост реагира: Уште еден фемицид поради непостапување на институциите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот