Фото: Колаж, Слободен печат

Платформа за родова еднаквост: Не го оспоруваме правото на верска определба, но згрозени сме од заканувачката реторика на Костадинов

Граѓанските организации не го оспоруваат правото на верска определба на ниту еден граѓанин, ниту пак на градоначалникот Костадинов. Меѓутоа, како избран од граѓаните и носител на јавна функција, градоначалникот не е избран на оваа функција заради верувањето или неверувањето во Бога, туку заради решавање на локалните проблеми на сите граѓани и за подобрување на нивниот квалитет на живот, се вели во реакцијата потпишана од 29 членки на Платформата за родова еднаквост.

Повикот за поделба на организациите на „подобни“ и „неподобни“, тие велат дека ги крши законските овластувања на градоначалникот за вклучување на сите заинтересирани страни во креирањето и спроведувањето на локалните политики, а особено ја загрозува слободата на изразување и критичката мисла на оние кои размислуваат поинаку од него,

Згрозени сме од заканувачката реторика на градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, кој јавно на социјалните мрежи се заканува со вето и ништовност на соработка со граѓанските организации кои имаат критички став кон последните случувања на територијата на општина Струмица, се вели во реакцијата.

Членките порачаа дека со ваквиот наратив за ставање вето на соработката со „неистомислениците“ во граѓанскиот сектор кои се залагаат за унапредување на родовата еднаквост и почитување на основните човекови права создава дополнителна поларизација помеѓу граѓаните и поттикнува говор на омраза, насилство и нетолеранција.

Костадинов реагира на критиките од невладините организации: Која е потребата да се занимавате со моето човеково право на верување во Бога

Сакаме да го потсетиме градоначалникот дека ваквата реторика на „подобни“ и „неподобни“ граѓански организации беше главен политички инструмент на минатиот автократски режим на владеење, против кој сите се боревме за да ги ослободиме граѓаните и институциите, со верување дека никогаш повеќе нема да се повтори, велат тие.

Тие го повикаа градоначалникот да се возрджи од понатамошно критики кон граѓанските организации кои се борат за унапредување на родовата еднаквост, како основно човеково право и една од најголемите демократски вредности на секое општество. Ваквите негови настапи, како што посочија, можат да поттикнат омраза и насилство кон различните и маргилизирани групи, а за кои градоначалникот е должен да ја обезбеди нивната безбедност и живот.

Почитувањето на правата на секоја личност и практикувањето на партиципативната демократија е основа за развој на секое демократско општество, а правото на партиципативна демократија е загарантирано со Уставот на земјата. Оттука, повторно нагласуваме, Законот за родова еднаквост не е против ниту еден граѓанин, децата и семејствата, ниту пак со истиот се одземаат нечии права, туку вклучува подобри институционални механизми за унапредување на положбата на жената, еднаквост на жените и мажите во остварувањето на својот личен, социјален, економски и општествен потенцијал. Законот е за подобро утре за жените, децата, за демократијата, за еднаквоста во општеството, порачаа тие.

Членките кои се потпишани на оваа реакција до Костадинов се Tiiiit! Inc., Бори се женски, Женска граѓанска иницијатива АНТИКО, Здружение женски форум, Здружение за еднакви можности Семпер, Здружение за локален рурален развој, Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје, Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за едукативен развој ЕКВАЛИС, Институтот за општествени и хуманистички науки, Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје, ЛезФем, Мрежа за заштита од дискриминација, Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Националниот совет за родова рамноправност, Организација на жени на град Скопје (ОЖС), Организација на жените на општина Свети Николе, Организација на жените “Кумановка“, Организација на жени од Струмица (ОЖС), Реактор – Истражување во акција, Рурална Коалиција, Стела,ТАКТ, Хелсиншки комитет за човекови права, Х.Е.Р.А., ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Хуманитарно Здружение „Мајка“, Центар за истражување и креирање политики (ЦРПМ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот