Фото: Промо

Планинарски подвиг со културно и историско значење – 43. традиционално искачување на Титов Врв во чест на 100 години од ПК „Љуботен“

Неделава, на падините на Шар Планина, ќе се одржи настан кој далеку ги надминува спортот и рекреацијата и е вистинска културна и историска свеченост. Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово го најави 43. традиционално искачување на Титов Врв (2.747 м), што ќе се одржи во недела, на 25 мај 2025 година.

Ова издание е од посебно значење, бидејќи се одвива во рамки на одбележувањето на големиот јубилеј – 100 години непрекинато постоење на ПК „Љуботен“. Јубилејот е под државно покровителство на Претседателката на Републиката, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова.

„Значењето на овој чин го инспирира клубот кон нови успеси и сè поголеми проекти на полето на планинарството, туризмот, заштитата на животната средина и образованието“, истакнуваат од клубот.

Во рамките на програмата за 2025 година, „Љуботен“ најавува бројни активности, со особен акцент на меѓународните собири на Шар Планина. Централно место го зазема токму ова 43-то искачување на највисокиот врв – Титов Врв.

„Ги поканувам сите љубители на природата да ни се приклучат и да направат нешто добро за сопственото здравје и дух, но и за Шар Планина и регионот“, изјави претседателот на клубот, Јован Божиноски.

Тој нагласи дека, согласно насоките на Федерацијата на планинарски спортови, заради безбедност и подобра организација, учеството бара претходна регистрација. За првпат, пријавувањето е можно и онлајн, преку следниот линк: https://linktr.ee/pkljuboten.

Настанот ќе се одвива два дена. Во сабота, 24 мај, од 14:00 часот, ќе се организира еколошка акција за чистење на Попова Шапка, а еден час подоцна, на платото пред хотелот „Арена Тетекс“, ќе се одржи отворен базар со штандови. Свеченото отворање е закажано за 19:00 часот со пригодна програма, доделување дипломи и координативен состанок со детални упатства за следниот ден.

Главниот настан, искачувањето на Титов Врв, ќе започне во недела, на 25 мај, во 06:30 часот, од платото пред хотелот „Попова Шапка“. Учесниците ќе се движат по обележаната Вакуфска патека, со поставени пунктови за логистичка поддршка и присуство на медицински тимови.

Се препорачува носење на доволно храна за околу осумчасовен престој и најмалку еден литар вода, со можност за дополнување на неколку места долж патеката. Очекуваното пристигнување на врвот е до 11:00 часот, а враќањето на Попова Шапка до 16:00 часот.

„По искачувањето, учесниците ќе бидат пречекани со вистинско планинарско гостољубие: топол чај, музика и локални производи“ најави Христина Коруновска од организацијата.

Во рамки на настанот, ќе бидат отворени и две изложби во хотелот „Арена Тетекс“: една со архивски фотографии за историјата на клубот и планинарството во регионот и друга со цртежи од најмладите планинари, создадена во соработка со локалните училишта.

„Да се искачи Титов Врв не значи само да се совлада географска висина, туку да се зачекори по патеката на спомените, љубовта кон планината и одговорноста кон иднината“, подвлекуваат од клубот.

Од првото меморијално искачување во 1980 година, досега над 27.000 планинари го искачиле врвот во организација на ПК „Љуботен“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот