
Пивото и другите производи на скопската Пивара го хранат БДП со 1 отсто
Пивара Скопје во 2023 година, креираше 139 милиони евра додадена вредност во македонската економија, што претставува 1 отсто од БДП, од кои 71 милиони евра се даноци исплатени во државниот буџет. Над 8.700 работни места во земјава на директен или индиректен начин се одржуваат од остварените приходи на Пивара Скопје, за кои годишно се обезбедуваат плати во износ од 37 милион евра.
Препорачано
Секое 1 отворено место во Пивара поддржува уште 21 работно место во земјата. На секое потрошено евро од купувачите назад во општеството се враќаат 68 проценти. Ова се само дел од наодите содржани во новата Студија за социо-економско влијание на Пивара Скопје во Македонија, изработена од независната консултантска куќа „Стјуард Редквин“, преку анализа на податоците на работењето на компанијата во 2023 година. Целта на оваа Студија, според Рене Ким, сениор партнер на „Стјуард Редквин“ е на објективен и транспарентен начин, со помош на научен пристап, да се квантифицира и оцени придонесот и значењето на Пивара Скопје за развојот на македонската економија и просперитетот на заедницата.
За Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, оваа презентација не е само резултати и бројки – туку аргументирано раскажана приказна за визија, решителност и тимска работа која резултира во успех и достигнувања.
-Со оваа Студија која е изготвена од независни експерти и по меѓународни стандарди сакавме да го разбереме влијанието на нашата компанија и придонесот во економијата и заедницата – на аргументиран и професионален начин. Со оглед на фактот дека веќе правевме ваква студија во 2017 година, сакавме да видиме каде сме денес во однос на другите компании, и во Македонија, а и пошироко во регионот и Европа – истакна Митрев.
Според Митрев, нивниот успех се темели на четири столба кои останале непроменети повеќе од еден век, а тоа се: беспрекорниот квалитет на производите препознаен од потрошувачите, партнерскиот однос и креирањето заедничка вредност со купувачите, искрениот придонес за заедницата и тимот вработени, кој е „тајната состојка“ на компанијата.
Горица Стојковиќ, генерален директор на Кока-Кола Компани за Србија, Црна Гора и Северна Македонија истакна дека оваа Студија е особено важна бидејќи дава можност да се види реалното влијание на Пивара Скопје во земјава.
– Нашиот придонес не е само економски. Ние длабоко веруваме дека успешен бизнис мора активно да инвестира во заедницата. Тоа го правиме преку нашите програми и иницијативи, кои вклучуваат инвестиции во млади луѓе, заштита на животната средина и волонтерство на вработените – посочи Стојковиќ.
За обемот на влијанието на Пивара Скопје врз домашната економија говори и податокот дека компанијата остварува деловна соработка со над 1.000 домашни добавувачи, од кои годишно набавува стоки и услуги во вредност од над 46 милиони евра, како и со над 12.000 трговци на големо и мало, дистрибутери и компании од угостителско-туристичкиот сектор. Преку ваквата соработка, Пивара Скопје остварува директно и индиректно влијание врз развојот на неколку значајни сектори од домашната економија, како што се: трговскиот, секторот за деловни услуги, производниот, транспортниот и земјоделскиот сектор.
Пивара Скопје само во изминатите пет години инвестираше и 40 милиони евра во капитални проекти за одржлив раст и развој, а дополнително вложува над 200 илјади евра годишно во реализација на бројни општествено одговорни активности наменети за поддршка на заедницата.