Фото: Пекселс

Пет причини зошто вашето куче може да има корист од зимската облека

Сите знаеме дека премногу топлото време може да биде проблем за кучињата поради нивното крзно, но што кога температурите паѓаат, дува силен ветер, паѓа снег и се замрзнува земјата? Луѓето едноставно ја менуваат својата сезонска облека: волнените џемпери, капите, ракавиците и долги палта стануваат секојдневна облека. Но, што е со нашите миленичиња, кучињата? Дали им треба зимска гардероба?

Од мантили за дожд, до волнени џемпери и чизми, еве пет причини зошто на вашето домашно милениче можеби ќе му треба облека за кучиња оваа зима.

1. Различни раси, различни потреби

Да, кучињата имаат свои палта, па лесно е да се претпостави дека не им е потребна дополнителна заштита за да се загреат. Сепак, постојат големи разлики во видот, дебелината и должината на крзното помеѓу различните раси. Така, расите кои потекнуваат од постудени средини, како сибирската хаска или маламутот од Алјаска, и кои имаат дебел двоен слој, добро се справуваат со студената клима и немаат потреба од облека.

Но, некои раси, како на пример мексиканско куче без влакна, како што сугерира нивното име, всушност е без влакна. Другите раси, како што е италијанскиот Грејхаунд, имаат многу тенка кожа. Поради ова, тие би можеле да страдаат ако е ладно или влажно, па затоа им одговараат водоотпорни капути или џемпери. На тој начин ќе останат суви и стоплени за време на прошетката. Експертите велат дека дури и во затворени простории, овие раси уживаат во дополнителната топлина што ја дава соодветната облека за кучиња.

2. Кученца и возрасни кучиња

Како и кај другите цицачи, кучињата исто така имаат ефективни механизми за одржување на константна телесна температура. Термонеутралната зона ТНЗ (TNZ) е опсег на температури во кои кучињата можат да ја одржуваат телесната температура без потреба од дополнителна енергија за да ги загреат. Термонеутралната зона за кучиња се движи од 20 до 30 степени Целзиусови.

На долниот или повисокиот крај на TНЗ, може да се појави хипотермија, опасен пад на телесната температура или хипертермија (прегревање). Возрасните кучиња, кои се здрави и имаат дебело крзно, можат да издржат многу пониски критични температури, па можеби нема да им треба облека. Но, кученцата, болните, изнемоштените и постарите кучиња имаат намалена способност да ја регулираат сопствената телесна температура, што значи дека облеката може да биде корисна.

3. Кучиња навикнати на удобноста на домот

Како и луѓето, кучињата се навикнуваат на надворешните температури. Кучињата кои живеат надвор или се редовно изложени на екстремни временски услови, полесно се справуваат со температурните флуктуации. Но, ако вашето домашно милениче е навикнато на удобноста на централното греење и постелнината, можеби ќе биде помалку среќен кога надвор е студено и влажно. Во овој случај, кучињата може да покажат знаци на температурен стрес со треперење или други знаци на однесување, како што е стуткано или неволно одење.

Во такви ситуации, може да се набави соодветна облека за кучиња за да се избегне ризикот од хипотермија. Ако се појави хипотермија, вашето домашно милениче може да почне да трепери и да покажува знаци на возбуда, збунетост или губење на свеста. Ако тоа се случи, брзо загрејте го со ќебиња и крпи, однесете го на топло место и побарајте совет од ветеринар.

4. Замрзната земја

Шепите на кучиња се прилагодливи на различни терени. Влошките на шепите се дебели и кожести и обезбедуваат заштита на надворешните површини. Канџите им помагаат кога снегот и мразот ја покриваат земјата.

Дали навистина им требаат чизми за да ги заштитат шепите од студот?

Повеќето кучиња изгледаат многу среќни што одат по ладна и замрзната земја. Кучињата имаат посебен систем за размена на топлина во долните екстремитети, што значи дека шепите на вашето домашно милениче можат да издржат пониски температури од другите делови од телото. Ова објаснува зошто нивните стапала не замрзнуваат. Сепак, кучињата можат да страдаат и од смрзнатини, особено оние кои не се навикнати на екстремни температури или имаат чувствителни шепи. Кучињата со повредени шепи исто така можат да бидат почувствителни на можните ефекти на студот.

Оштетувањето на шепата може да биде предизвикано и од континуирано изложување на остар, абразивен снег, мраз, но и сол и песок што се користат за топење на мразот. Во овие случаи, носењето специјализирани чизми, како што се оние што ги носат кучињата кои работат во опасни услови (пребарување и спасување), може да ги заштити шепите.

5. Во трката со секојдневните обврски, облеката е корисна

Зафатениот начин на живот значи дека често гледаме во часовникот. Ако го комбинирате шетањето на вашето куче на ладен и влажен терен со вашите секојдневни обврски, користењето водоотпорни палта или друга заштитна облека може да биде корисно и да ви заштеди време. Исто така, може да го намали времето потребно за сушење и чистење на вашето домашно милениче откако ќе бидете на отворено. Облеката ќе помогне кучето да биде суво и топло после капење или пливање. Ова е корисно за неговите зглобови и мускули, особено кога станува збор за постарите кучиња.

Важно е да се напомене дека, ако одлучите да користите облека за вашето куче, прво е важно да го навикнете да носи облека преку постепен тренинг и со соодветни награди.

Многу кучиња на почетокот не сакаат промени, па не очекувајте да ги навикнете на тоа уште првиот пат кога ќе излезете надвор.

Имајте на ум дека некои кучиња може да се прегреат ако носат облека, затоа внимателно следете ги нивните реакции. Но, штом ќе се опушти и ќе покаже дека е задоволен затоа што сопственикот ќе го облече во соодветна облека, ќе сфатите дека тие се сепак корисен додаток бидејќи се работи за здравјето, благосостојбата и задоволството на вашиот миленик за време на постуденото време и зимските месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот