Пендаровски: Благодарение на Обединетите нации решивме комплексен спор кој ја забавуваше нашата интеграција во меѓународниот поредок (ВИДЕО)

Претседателот Стево Пендаровски преку видео-порака се обрати на настанот на високо ниво, што по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите Нации, се одржа вчеравечер во Њујорк на тема „Иднината што ја сакаме, Обединетите Нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“.

Во обраќањето Пендаровски рече дека Обединетите нации превенирале бројни конфликти и ги ублажиле последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнале на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност.

Претседателот оцени формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото, но, организацијата може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки ќе и дозволат.

-Поради бројните препреки во нејзиното работење, во светот сеуште има тензии и конфликти, милиони бегалци и мигранти, неконтролирана експлоатација на природата и повреди на човековото достоинство. Кон старите се придодадоа и нови акутни проблеми како што се глобалниот тероризам, транснационалниот организиран криминал и дигиталната поделба. Годинава, состојбата е дополнително усложнета поради пандемијата на КОВИД-19. Покрај огромното страдање што го предизвикува, пандемијата ги разоткрива слабостите на нашиот меѓународен поредок и системските нееднаквости на нашиот свет. Ни остануваат само уште десет години за да ги реализираме Агендата 2030 и Парискиот климатски договор. За да ги постигнеме Целите за одржлив развој ние мора истовремено да ги ублажиме економските и социјалните последици од пандемијата. А тоа можеме да го постигнеме само преку меѓународна соработка и глобална солидарност за што ни се неопходни силни и ефективни Обединети нации, реформирани и прилагодени на новата реалност- истакна Пендаровски.

Во однос на Македонија, претседателот посочи дека од својата независност до денес, земјата сведочела и за придобивките и за предизвиците на Обединетите нации.

-Од корисници на првата превентивна мисија – УНПРЕДЕП, самите станавме контрибутори на повеќе мировни мисии. Благодарение на Обединетите нации решивме комплексен спор кој ја забавуваше нашата интеграција во меѓународниот поредок. Ние ќе продолжиме во духот на мултилатерализмот да ги исполнуваме нашите меѓународни обврски и да ја поддржуваме работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции. Јасно е дека само ако вложуваме во светската организација ќе успееме да изградиме достоинствен свет- додаде Пендаровски.

Настанот, во рамки на 75. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, се одржа со емитување на пораките на претставници од над 180 држави и организации во салата на Генералното Собрание на Обединетите нации, во присуство на Генералниот секретар Антонио Гутереш и претставници од земјите-членки.

Поради пандемијата на КОВИД-19, годинешната сесија се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот