Слободен печат - Синиша Пекевски - аналитичар / Фото - Методи Здравев

Пекевски: СДСМ е полумртва партија, а ВМРО-ДПМНЕ ќе почне да паѓа по изборите

Партиите во Македонија се претворија во султан-партии, а локалните кандидати за градоначалници се само декор во изборната кампања, вели аналитичарот Синиша Пекевски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во изјава за „Слободен печат“ вели дека македонската политичка сцена влегува во фаза на големи пресврти, а двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како што тврди тој, се пред сериозен пад.

Според него, СДСМ е веќе „полумртва“ партија, а веднаш по претстојните локални избори ќе започне и постепеното опаѓање на политичката моќ на ВМРО-ДПМНЕ.

– Генерациите се променија и на помладите апсолутно не им е гајле за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ, туку искрено сакаат да живеат во подобра средина. Нема баш сите независни кандидати да имаат којзнае каков резултат, но сметам дека нов градоначалник на Центар ќе биде кандидатот на независните – вели Пекевски.

Тој додава дека во Македонија како да не постои локална политика и дека кампањата уште еднаш го потврдува тоа.

– Политичките партии се толку многу претворени во султан-партии и тоа повеќе никој не може да го сокрие. Партиските лидери имаат непресушна желба за внимание и сакаат да ја присвојат сета слава само за себе, наместо да ја поделат со локалните политичари. Совршено гледаме дека влијанието на најголемиот дел кандидати за градоначалници од поголемите партии е еднакво на нула – тие стојат таму пред камерите само како декор. Станува збор за добро развиена стратегија на делување – објаснува Пекевски.

Според него, излезноста на локалните избори ќе биде многу ниска, а токму тоа ќе им отвори простор на независните кандидати да остварат неочекувано добри резултати.

Петковски: И магаре да ставите на ливче, гласачот ќе гледа која партија стои зад него

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот