Фото: Пекселс/ marianna-ole

Пченицата дивее на берзите, една векна народен леб треба да чини најмалку 40 денари!

Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарката индустрија при СКСМ, за „Слободен печат“, вели дека цената на лебот во овој период е зголемена за само 23 отсто, што е реално кога ќе се земат предвид цените на струјата, платите за вработените и флуктуациите на пазарот на пченица. Пекарите се подготвени дури и да им го отстапат својот бизнис на оние кои толку се разбираат од математката, за да видат како се „вади лебот“

Домашните производители на леб не се согласуваат со пресметката на Евростат дека во Македонија во последните пет години лебот поскапел за 65 отсто, што е едно од наголемите поскапувања на овој производ меѓу европските земји. Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарката индустрија при СКСМ, за „Слободен печат“, вели дека цената на лебот во овој период е зголемена за само 23 отсто, што е реално кога ќе се земат предвид цените на струјата, платите за вработените и флуктуациите на пазарот на пченица.

Малишиќ, контра пресметката на Евростат е убеден дека во Македонија лебот е најевтин во светот. И од третата најголема индустриска пекара „Фурна Диме“ се на истиот став и со уште појасна математика за нашиот весник, откриваат дека за да опстанат во моментот, цената на народниот леб во моментот би требало да изнесува најмалку 40 денари! Пекарите се подготвени дури и да им го отстапат својот бизнис на оние кои толку се разбираат од математката, за да видат како се „вади лебот“.

Малишиќ е зачуден која математика ја користеле европските статистичари за да дојдат до нивната бројка, како и кои видови на леб или грамажи биле земени предвид?

-Ние сме увозно зависна земја за сите суровини. Што се однесува до нашата бранша, ќе ви кажам дека во моментот цената на пченицата на берзите е највисока во однос целата претходна година. Но таа се менува од ден во ден, а ние зависиме од неа. И сега што да прават колегите кои во моментот ја купуваат по оваа цена, да ја зголемат цената на лебот или да тераат на своја штета? Нека отворат пекара за да видат како е да се работи, а не од канцеларија да прават математики- додава Малишиќ.

И од Фурна „Диме“ не се согласуваат со математиките на Евростат и констатираат дека со актуелните цени на пченицата, струјата и работната рака, една векна од народниот леб, во моментот би требало да чини 40, а не 32 денари, за да може да опстанат.

-Пекарството е занает со „девет корки“, а сите само не критикуваат. Се бориме со зголемените трошоци, но најважно од се што немаме квалификувана работна сила. Сите пекари работат на работ на рентабилноста, а згора на тоа секои два-три дена примаме и отпуштаме работници. Да лебот пред пет години чинеше 28 денари, но тогаш немавме фолии за пакување, специјални машини за сечење леб и други модерни машини, па моравме да земаме огромни кредити за да го следиме светскиот тренд. Згора на тоа сите молчат и за уште ден огромен проблем, а тоа е фактот дека се бориме со растечка сива економија во браншата и никој не сака да каже дека 50 отсто од лебот во Македонија оди на црно – брифираат од менаџментот на Фурна „Диме“ за „Слободен печат“.

Според Државниот завод за статистика Македонците во 2023-та купиле 175 килограми леб, а последниве години најмногу се купува основниот вид од 30 денари. Според веб-страницата Нумбео, Македонија тогаш била на 78. место од 98 земји, со цена од 63 центи за векна. Тогаш на пазарот, поради владината мерка за ограничување, основниот леб се продаваше од 28 до 33 денари, но другите видови и тогаш и сега чинат и до 90 денари.

Според податоците, проценетите приходи на македонскиот пазар на леб за 2023 година се движеа околу 300 милиони долари, а очекувањата се дека тој ќе порасне за 4,47 проценти до 2028 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот