Фото Илија Стефановски, илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова
Фото Илија Стефановски, илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова

Патот кон фемицидот е поплочен со зафрлени поплаки во полиција

Името Илија Стефановски одекна силно низ цела Македонија кога тој во Велес ја уби својата поранешна партнерка Росица и нејзиниот татко после што си го одзел животот. Но пред да се случи фемицидот, неговото име повеќе од 10 години претходно фигурирало во полициската евиденција во различни полициски станици во Скопје. Во овие полициски станици оделе различни девојки, секоја од нив со сличен страв и проблеми. После 6 дена од нашето барање Министерството за внатрешни работи одговори на прашањето на „Слободен печат“ какви други пријави има за Стефановски, а коишто биле поднесувани од други жени, не од Росица.

Илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова
Илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова

Одговорот е делумен, бидејќи во него не се состојат детали ниту описи што точно е пријавувано. Сите пријави биле заведувани како „поплаки“ – нешто што полицијата често го прави за да избегне известување на јавен обвинител. Нема ниту детали што е преземено по овие поплаки.

Во електронскиот билтен на СВР Скопје во периодот од 2013 година до 2019 година евидентираат 4 поплаки против Илија Стефановски и тоа на 25.11.2013 година од страна на лицето М.Д. поднесена е поплака во полициска станица Центар против Илија Стефановски, пишува во одговорот што „Слободен печат“ го доби од Министерството за внатрешни работи.

Само еден месец после оваа поплака во 2013 година, друга девојка Л.Д. поднела поплака во истата полициска станица Беко. На 30.12.2016 година лицето Т.Н. поднела поплака во полициска станица Аеродром против Илија. Три години подоцна, на 27.05.2019 година четвртата девојка Т.Д. во Беко поднела поплака против него.

Дали и како било постапено по овие поплаки останува непознато, но пошироката слика е дека полицијата имала сознанија за подолг период во кој жртви на психичко малтретирање биле повеќе девојки. Едната од нив која со него била во врска година и половина веќе го раскажа своето лошо искуство за „Слободен печат“. Сите нејзини проблеми почнале кога му кажала дека не сака повеќе да биде со него што не било прифатено од негова страна. Постојано ѝ ѕвонел, ѝ пишувал, се појавувал на местата каде што се движела, ѝ истурал пијачки. Според нејзините зборови тој имал драматични испади дека ќе си го одземе животот ако не бидат повторно заедно, ѝ го украл мобилниот телефон и во нејзино име пишувал мејлови за да ѝ наштети, па дури и се заканил дека ќе ја убие сестра ѝ.

-Јас тие закани по живот ги пријавив во полиција, го исконтактираа оттаму и ми го врати телефонот. Во тие неколку часа тој се претставил со мое име и праќал мејлови за да ми го уништи професионалниот развој – раскажува девојката.

Сепак, малтретирањето не престанало – кога веќе не „палело“ постојаното пишување, демнење, одземањето на телефонот… осамнале графити низ Скопје со нејзиното име и презиме и зборот „курва“, но и со имиња и презимиња и навреди за нејзини блиски.

По сето ова, девојката завршила во болница со дупната глава, но до ден-денеска не ѝ е јасно и не може да тврди дека токму Стефановски бил тој што една јануарска вечер во 2014 година ја удрил силно по главата и избегал. Таа била излезена со другарките и кога се враќала дома некој ја удрил силно по главата, ѝ ја украл ташната и избегал. Од силниот удар завршила во болница на шиење на главата, а полицијата не успеала да го лоцира напаѓачот.

Во полиција го споменала неговото име, дека тој би имал мотив за нешто такво, но до денеска не ѝ е јасно и полицијата не утврдила кој ја нападнал таа вечер, кога добила удар којшто можел да биде и смртоносен.

Во полиција Илија негирал сè што ќе кажела таа и го тврдел спротивното – дека „таа е љубоморна, а тој си има девојка“. Со други зборови, вршел проекција и ја обвинувал неа за работите што ѝ ги правел. Кога се проширила веста за двојното убиство и самоубиство, на девојката што се согласи да разговара со „Слободен печат“ ѝ дошло на мисла дека можеби жртвите се нејзини блиски, зашто и кон нив Илија се заканувал на начин како што се заканувал кон таткото на Росица.

Освен за овие пријави, од МВР ни рекоа и дека Одделението за семејно насилство во Единицата за насилен криминал при СВР Скопје поднесело кривична пријава против Илија Стефановски од Скопје за сторено кривично дело „Телесна повреда при семејно насилство“ предвидено и казниво по членот 130 став 2 од Кривичниот Законик.

Росица чиј живот го оконча Илија многукратно го пријавувала него во полиција – ја вознемирувал додека го шетала кучето, ја нападнал во двор на основно училиште во Велес, во ходник од зграда нападнал велешанец додека бил со Росица. Сите овие малтретирања се случиле за само три месеци и не престанале. Пишувал навредливи графити со нејзиното име и презиме, пишувал пораки за неа и им ги праќал на татко ѝ и на нејзина пријателка, на влезната врата од продажен салон оставил УСБ-стик кој го залепил, а во кој имало фотографии и видеа од нив двајцата, го запалил семејното возило „мицубиши“. Во меѓувреме и тој ја пријавувал во Скопје. Велешкото обвинителство во април поднело обвинителен предлог за Стефановски и го гонело за загрозување на сигурноста на Росица и за повреда што ја нанел на нејзиното момче. Психијатар му направил вештачење и утврдил дека тој нема никаква душевна болест, дури не ни регистрирал патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената.

Во меѓувреме, на 21 мај годинава, Росица го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес и за неизвршување судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство, изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитувал и продолжил да ѝ испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа. На 18 мај се приближил до нејзиниот дом и ѝ го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес ја испитала Росица и на 26 мај издало наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и четири наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува.

„На 25.3.2025 година, оштетената го пријавува осомничениот во ОЈО Скопје за настан случен на 27.12.2024 година, кога за време и по враќање од патување во Република Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и ѝ нанел лесна телесна повреда од чл. 130 ст. 2 од Кривичниот законик. Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје, со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари“, соопшти Обвинителството.

Убиството се случи на 15 септември попладнето, кога Илија со нож ги избол Росица и нејзиниот татко пред очите на момчето со кое таа била во врска. Според информацијата од полиција, Стефановски прво го убил таткото на Росица, а потоа ја избол Росица, па самиот себе.

Фемицидот ги загрижи жените од сите социјални слоеви, политичарките и активистките и претставничките на невладини организации. Тие го кренаа гласот против сѐ позачестените случаи на насилство во кои жртви се жени, а дел од нив одржаа протест пред Министерството за внатрешни работи минатата недела.

Психијатрите велат дека пријавувањето на насилниците е потребно за да се заштитат жртвите

 

Што треба да направи девојка која сака да излезе од контролирачка врска, во која е физички и психички малтретирана и на кои црвени знаменца да внимава, ги прашавме психијатрите. За конкретниот случај тие не можат да коментираат бидејќи ниеден од оние со кои зборувавме немал контакт со Стефановски, но зборуваа воопштено.

Директорката на Клиниката за психијатрија, професор доктор Славица Арсова, за „Слободен печат“ вели дека нема друг начин на борба освен институционалниот.

-Жените мора да се борат институционално, нема поинаков начин. Да пријавуваат во полиција, а полицијата да ги заштити. Сме имале пациентки кои што на прв поглед не можат да сфатат дека најлошото може да се случи. Но, мора да се биде максимално претпазлив, зашто тие лица се реална опасност за физичка, психолошка и фатална витална загрозеност. Секогаш како психијатри кога ни се обраќаат жртви на партнерско насилство, демнење и се она што е во склоп на емоционално и физичко злоставување секогаш препораките ни се – бидете максимално претпазливи и барајте помош од институцииите и од блиските. Жртвата треба да ги блокира сите контакти со насилникот, да не одговара на пораки, да не ги чита, да го блокира насилникот и да најде систем на блиски кои ќе ја поткрепат, изјави за „Слободен печат“ проф. д-р Арсова.

Постојат одредени личности, со неадекватна структура на личноста, кои треба да одат во притвор и во затвор, вели докторката. Порано за нив се користел терминот „психопати“, но актуелната терминологија е личности со неадекватна структура на личноста. Ако човек нема неадекватна структура на личноста, тогаш според докторката потребано е да се изречат мерки на безбедност и негово лекување.

Во праксата помалку се тие што имаат ментални и душевни нарушувања, а најчесто насилниците се со неадекватна структура на личноста и треба да одат во затвор. Овие лица со неадекватна структура на личноста, кога ќе се најдат во ситуација искомбинирана со алкохол и супстанци, тоа ги „откочува“ социјалните забрани. Кога судот бара да се вештачат, тие ги вештачиме како пресметливи и подложни на кривична одговорност. Не ги почитуваат социјалните рамки, имаат проблем со почитување на авторитетот и се на краток фитиљ, импулсивни, не можат да поднесат фрустрација и одбивање. Зборот „не“ не го поднесваат и бараат итно и сега – задоволување на своите потреби. Одбивањето го сметаат за отфрлање, имаат избувлива страна и не ги контролираат импулсите што доведува до агресивно однесување насочено кон некоја индивидуа, партнерка, но може и кон пријатели и кон околината, додава нашата соговрничка. 

Овие знаци не мора секогаш да се забележливи за околината, но партнерките на ваквите личности ги забележуваат.

-Тоа е желба за контрола на партнерката, љубомора, одделување од семејството и блиските и нејзино третирање како „посед“. Ваквите личности не ги третираат партнерките како личности туку како предмети што треба да ги контролираат во секој дел од денот, објаснува доктор Арсова.

Професор доктор Стојан Бајрактаров од Клиниката за психијатрија вели дека луѓето кои повеќепати и во долг временски период (на пример 10 години) се пријавувани од повеќе жени за насилничко, опсесивно и агресивно однесување, следење и дискредитирање, најчесто се карактеризираат со трајни нарушувања на личноста и на карактеролошкиот профил.

Во нивното однесување, како што ни рече професорот Бајрактаров, може да се препознае, опсесивно-контролирачка структура – силна потреба да се доминира и контролира другата личност, често преку демнење и ограничување на нејзината слобода. Исто така може да се препознаат и нарцистични и антисоцијални црти – неспособност да се препознае автономијата и правата на другата личност, склоност кон омаловажување, омраза и понижување на жената заради заштита на сопственото его. Третата карактеристика е недостигот на  емпатија – неразбирање или игнорирање на чувствата и страдањето што го предизвикуваат. А четвртата црта е ризичното однесување – повторување на истите модели без учење од последиците и со тенденција насилството да се зголемува и ескалира.

Во вакви случаи најчесто не станува збор за „еднократни испади“, туку за траен патолошки модел на однесување кој е отпорен на промена и носи значаен ризик за ескалација, вклучително и до фемицид. Справувањето со вакви потенцијално ризични личности не може да се остави на индивидуално ниво. Тоа мора да се врши преку казнено-правните механизми, односно преку институционалниот систем што го спроведуваат Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда. Само доследна полициска и судска интервенција, со изрекување и спроведување на заштитни мерки, ефективни казни и континуирано следење, може реално да ја намали опасноста и да спречи повторување или ескалација на насилството, изјави за „Слободен печат“ доктор Бајрактаров.

Во контекст на фемицид, тој вели дека кога лице повеќекратно е пријавувано за насилство врз поранешна партнерка, а институциите не реагираат навремено и соодветно, ризикот од ескалација во фемицид е исклучително висок.

Од психијатриска гледна точка тоа претставува опасен, хроничен и предвидлив модел на насилничко однесување кој мора да биде сериозно санкциониран и контролиран од страна на државата. Прашањето „има ли спас од нив?“. Најчесто овие лица сами не бараат помош и не ја прифаќаат сопствената проблематичност. Третманот е тежок и со ограничен успех, особено ако недостига свесност и мотив за промена. Затоа, примарниот фокус не е „да се поправи“ насилникот, туку да се заштитат жртвите и потенцијалните жртви преку институционална интервенција, доследна примена на законот и обезбедување безбедна средина за жените, ни изјави професорот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот