
ВИДЕО | Палчо и соучесниците осудени на доживотен затвор за убиствата на Вања и Панче, таткото на Вања ослободен
Доживотен затвор за Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев за грабнување и убиство на малата Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежеовски. Судијата го ослободи таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Препорачано
Обвинителството ги товареше дека заедно испланирале грабнување на велешанецот Панче Жежовски за со неговиот автомобил да ја грабнат малолетната Вања Ѓорчевска за да бараат пари за откуп од член на нејзиното семејство.
Сите обвинети во текот на судскиот процес рекоа дека не се чувствуваат виновни и побараа ослободителна пресуда. За четворицата обвинети обвинителките побараа максимална казна доживотен затвор, а за таткото на Вања побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Палевски и неговиот адвокат тврдеа обвинителството нема докази дека тој е убиец на жртвите, а Палевски кажа дека Манев е организатор, Видевски извршител, а Кешишев чувал стража.
Манев откри дека синиот ранец со оружјето и моторолите бил скриен од член на партијата Десна, по налог на Палевски.
Видевски кусо изјави дека нема што да додаде на зборовите на својот бранител, кој претходно побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека признанијата се изнудени, а истрагата водена во погрешен правец.
Кешишев изрази каење и рече дека имал грижа на совест што бил дел од групата, но дека не учествувал во планирањето и извршувањето на убиствата.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.