
Пак угинаа животни во Зоолошката градина – овојпат берберски овци
Зоолошката градина Скопје во соопштение до јавноста 6 дена подоцна, ја информира јавноста дека пак угинале животни во Зоолошката, без да прецизира какви се животните. Во соопштението се наведува дека се работи за „угинати единки“. „Слободен печат“ обезбеди потврда дека угинатите животни се берберски овци, но не успеавме да дознаеме колку угинале.
Препорачано
Во текот на минатата недела, поточно во вторникот (11.02), во живеалиштето на берберски овци при редовна утринска контрола пронајдовме угинати животни, кои немаа видливи знаци на повреди, ниту пак претходно покажале знаци на болест. Веднаш беа повикани инспектор од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, кои направија целосен увид на лице место и ја отпочнаа постапката за обдукција на угинатите единки, пишува во соопштението.
Причината за смртта ќе биде соопштена кога ќе бидат направени сите анализи и ќе се добијат резултатите од обдукцијата.
Се сомневаме дека станува збор за труење од гранки од растението тиса (taxus baccata) кое може да биде отровно за животните. Нашата установа редовно и транспарентно известува за сите случувања, а доколку се случи немил настан, веднаш ги известуваме сите надлежни институции со цел брзо постапување и откривање на причините, велат од Зоолошката градина Скопје.