
Пад на извозот од Македонија: „Аптив“ си заминува од Скопје, „Џонсон Мети“ ќе отпушта работници
Вкупната вредност на извозот на Северна Македонија во периодот јануари – декември 2024 година изнесува 7,78 милијарди евра, што бележи намалување од 6,5% во однос на истиот период од 2023 година, објави грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика.
Препорачано
Вредноста на увезената стока во истиот период изнесува 11,06 милијарди евра и бележи намалување од 0,8% во однос на истиот период од 2023 година.
Трговскиот дефицит во периодот јануари – декември 2024 година изнесува 3,28 милијарди евра.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2024 година, е констатирана дека изнесува 70,3%.
Трговијата, по производ, покажува дека најголем дел од извозот на Северна Македонија е претставен со катализатори за автомобили.
Најголемо учество во увозот имаат нафтените деривати и лубрикантите добиени од битуменозни минерали, а потоа платина и нивните легури.
Во периодот јануари – декември 2024 година, првите пет трговски партнери на Северна Македонија беа Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.
„Извозот на Северна Македонија во Грција во 2024 година изнесува 262 милиони евра, што е пад од 14,5% во споредба со 2023 година, додека увозот од Грција изнесува 986 милиони евра, што е пад од 5,5% во споредба со 2023 година. Главниот извозен производ на Грција во Северна Македонија е горивото. Ова значително намалување (6,5%) на извозот на Северна Македонија во 2024 година се должи на намалувањето на извозот на странските фабрики во земјата кои произведуваат компоненти за автомобилската индустрија, како резултат на намалувањето на производството на автомобили во европските земји и главно во Германија. Неколку странски компании кои произведуваат автомобилски делови работат во Северна Македонија, кои главно ги извезуваат во автомобилски производители во Европа. Овие компании имаат особено поволен даночен режим, а добиваат и субвенции од државата во Северна Македонија“, наведува грчката агенција.
Во извештајот се додава дека ирско-американската компанија „Аптив“ која во 2016 година отвори фабрика во ТИРЗ Бунарџик крај Скопје и вработува приближно 500 работници, вчера објави дека го затвора погонот и своето производство од Скопје ќе го пренесе во Португалија и Полска.
Фабриката „Аптив“ во Скопје произведува електронска и електрична опрема за потребите на автомобилската индустрија. „Аптив“ е присутен во речиси 50 земји и вработува вкупно над 200.000 вработени.
За вработените е изготвен план за поддршка кој ќе се реализира според македонските закони.
Исто така и британскиот гигант „Џонсон Мети“ кој е најголем извозник од Македонија, го намалува бројот на вработени.
Од компанијата потврдија дека ќе го намалат бројот на работни позиции поради глобалните случувања на автомобилскиот пазар.
Од ТИРЗ, пак тврдат, дека сè уште не добиле ништо официјално за плановите на двете компании.