
Овиедо со пресврт ја сруши Валенсија, Илиќ стрелец па исклучен
Фудбалерите на Овиедо стигнаа до првата гостинска победа сезонава во шпанскиот шампионат, совладувајќи ја Валенсија со 2:1 во заостанатиот натпревар од 7. коло. Пресвртот го најави српскиот интернационалец Лука Илиќ, кој најпрво постигна израмнувачки гол, а потоа доби црвен картон.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Валенсија поведе уште во 4. минута со атрактивен погодок на Арнаут Данџума, кој десет минути подоцна промаши шанса за дупла предност. Овиедо тешко се снаоѓаше во првото полувреме, но по паузата тимот на Вељко Пауновиќ заигра поофанзивно.
Клучниот момент дојде во 76. минута – Данџума не реализира пенал за Валенсија, што им даде крилја на гостите. Во 85. минута Илиќ со прецизен удар израмни на 1:1, а само минута подоцна искусниот Саломон Рондон го комплетираше пресвртот за 1:2.
Следеше драматична завршница со долга судиска надокнада, во која Овиедо успеа да ја сочува предноста и да стигне до шест бодови во Примера, два помалку од Валенсија. Единствена дамка беше исклучувањето на Илиќ во финишот, што ќе го оддалечи од составот за следниот меч.
Во сабота Овиедо ќе ја пречека Леванте, со надеж дека ќе ја продолжи позитивната серија пред репрезентативната пауза, додека Валенсија ќе се обиде да се рехабилитира на гостувањето кај Жирона.