
Ова е најпопуларната дестинација, но експертка тврди дека не вреди да се посети: „Немојте да одите таму, одете на Медитеранот“
Белите песочни плажи, тиркизното море и тропскиот амбиент се само дел од причините поради кои Карибите се една од најбараните светски дестинации за одмор. Ако постои едно одредиште кое туристите најчесто го бираат за крстарење, тоа се Карибите.
Препорачано
Но, за Али Кер, која работела како пејачка и танчерка на повеќе од 100 крстарења, Карибите се преценети.
„Немојте да го ограничувате своето крстарење само на Карибите. Кога ќе го направите тоа, на крајот сѐ ви изгледа исто. Сето тоа се плажи кои по некое време почнуваат да изгледаат идентично. Ако ви се допаѓа тоа, одлично, но за мене крстарењето е можност за единствени авантури“, вели Кер, а пренесува „Дејли мејл“.

Кер препорачува дестинација која, исто така, нуди исти златни песочни плажи и кристално чисто море, но многу повеќе историја и култура.
„Моето прво искуство со крстарење како патник беше на Медитеранот и се чувствувам како да сум била разгалена. Беше неверојатно. Посетив толку многу различни земји долж медитеранскиот брег – како Франција, Шпанија, Хрватска, Црна Гора, Израел, Грција… тоа беше целосно лудо искуство“, рече таа.

„Секое место што ќе го посетите е толку различно. Културата е поинаква, понудата е поинаква – некаде е плажа, некаде е град, некаде историја. Толку е разновидно и богато. Освен тоа, Карибите понекогаш можат да изгледаат малку несигурно, додека јас на Медитеранот никогаш не сум се чувствувала загрозено“, додаде Кер, која исто така ја препорачува Азија како идеална област за крстарење.
Таа истакна дека имала неверојатно искуство пловејќи околу Јапонија, Тајван, Сингапур, Малезија и Тајланд.
Оваа танчерка и пејачка, која со години работела на бродови за крстарење, денес редовно споделува совети на својот канал на Јутјуб наречен „Вандерласт Али“.