
Отстранет муралот на Бенкси од ѕидот на Кралскиот суд во Лондон
Мурал на славниот уметник Бенкси, кој се појави на ѕид од Кралскиот суд на правдата во Лондон, е избришан по само неколку дена, објави Би-би-си.
Препорачано
Делото беше насликано на надворешниот ѕид на т.н. Кралска зграда во понеделникот и прикажуваше демонстрант кој лежи на земја со крвав транспарент во рацете, додека судија со перика и црна одора се надвиснува над него и замавнува со чекан.
Муралот брзо предизвика големо внимание, но беше ограден со метална ограда и чуван од обезбедување. Од Службата за судови и трибунали соопштија дека мора да биде отстранет поради тоа што зградата има заштитен статус и законски се обврзани да ја зачуваат нејзината автентичност.
Бенкси потврди дека тој е авторот преку објава на Инстаграм, каде ја покажа оригиналната верзија на графитот пред да биде прекриен. Некои го протолкуваа делото како критика на неодамнешните апсења на стотици луѓе кои со транспаренти ја поддржуваа организацијата „Акција за Палестина“, забранета во јули како терористичка група откако активисти оштетија воени авиони на британската авијација.

Случајот доаѓа само неколку недели по изјавата на највисоката судијка во Англија и Велс, која предупреди на зголемени и „сè понеприфатливи напади и злоупотреби“ насочени кон судиите. Муралот дури беше пријавен и како кривично оштетување, а лондонската полиција отвори истрага.
Ова не е првпат Бенкси да се осврне на темата Блискиот Исток и Палестина. Уметникот во 2015 година снимаше документарец во Појасот Газа, а исто така го финансираше и дизајнираше хотелот „The Walled Off Hotel“ во Витлеем, кој гледа кон израелскиот ѕид на Западен Брег. Таму во 2019 година направи и „модифицирано раѓање Христово“ пред бариерата.
Негови дела често се критички кон власта, војната и капитализмот. Минатото лето започна кампања во Лондон со животински мотиви, меѓу кои и горила што „дига“ ролетна на Зоолошката градина, пиранји на полициски пункт и волк на сателитска антена – дела кои за кратко време беа отстранети или украдени.