
Отровна пилула
Зошто судиите од Уставен суд дури сега го поништиле Законот за данок за солидарност, донесен уште во 2023 година? Зошто само не го укинале спорниот закон од денес понатаму, туку решиле на буџетот да му нанесат максимална штета?
Препорачано
Не постојат цврсти докази, но можеме да разработиме разни сценарија. Според најверојатното сценарио, судиите инсталирани од претходната власт, по добиените инструкции од своите наредбодавачи, на новата власт ѝ дале да испие отровна пилула, подготвена претходно.
Не е нова и непозната појава партиите што изгубиле власт преку вакви отровни пилули да ѝ се одмаздуваат на партијата што ги детронизирала. Логиката е: ако пропаѓаме ние, нека пропаѓаат и тие. Притоа воопшто не им е важно дали државата, односно буџетот, ќе претрпи штета. Чувството на задоволство од одмаздата е посилно од сè.
Да се потсетиме како ликуваат опозициските партии кога трите блока од РЕК Битола ќе испаднат од погон, иако тогаш државата купува скапа увозна струја. Всушност, тие би биле најсреќни кога би останале во темница, бидејќи на тој начин би докажале колку е неспособна власта. Така се одмаздуваат за истото што до вчера им го правеле и ним, иако оваа постапка е за психијатриско набљудување.
Второ, кој ќе одговара и кој ќе ја плати штетата? Најверојатно никој нема да одговара, а државата ќе мора дополнително да се задолжува за да ги врати прибраните 50 милиони евра. Иако вината за проблематичниот закон се лоцира кај тие што го изгласале законот, односно пратениците од претходното парламентарно мнозинство, Парламентот како колективно тело не може да одговара. Нема да одговараат ни пратениците, кои се скриле зад Парламентот.
Можеби секаде во светот важи овој принцип на работа, но доколку не се воведе индивидуална одговорност на тие што гласале, никогаш никој нема да одговара за ништо и вакви случаи ќе ни се повторуваат.
Дури и во едно претпријатие за штетите не одговара директорот, управниот одбор како тело, па ни собранието на акционерите. Единствена можност за повикување на одговорност е ако се докаже дека директорот намерно направил штета на претпријатието. Во случајот со Парламентот, тоа би значело да се докаже дека пратениците намерно направиле штета, што е речиси невозможна мисија.
Затоа ќе ни се повторуваат штетни зделки како автопатот на „Бехтел и Енка“, случаите „Чебрен“ и „Митилинеос“, од кои само чудо нè спаси како држава.
За жал, новата власт, сфаќајќи дека никогаш никој за ништо не одговарал, се спрема да повторува вакви дела. Овој пат така што нè претвораат во колонија, преку раскрчмувањето на најдобрите локации за ветерни електрични централи на странскиот инвеститор „Алказар Енерџи“, кому ќе му овозможи да профитира од нашите природни ресурси, истовремено откажувајќи се од сопствено профитирање и евтина цена на струјата за граѓаните.
Претходно направиле друга штета, задолжувајќи се за половина милијарда евра кај Унгарците (или се тоа испрани нашите украдени пари?), а каматата на приватните компании ќе им ја плаќаме ние, граѓаните, од буџетот. Нема спас од штеточини, штом не постои начин да се сопрат и казнат.
Фејсбук
(Авторот е универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“