
Отпадни води завршуваат во тетовските реки, купишта смет покрај коритата
Реките Пена и Вардар во тетовско никако да се спасат од изворите на загадување.
Препорачано
Канализациони води, отпад и пестициди со децении ги загадуват овие две реки, од чија вода се наводнуваат голем дел од земјоделските површини во тетовско.
Од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека и двете реки имаат моќ на самопрочистување, но, не толку голема за да ја надминат еколошката несовесност на одредени поединци, кои дури и отпадните води ги фрлаат во реките, а според последните податоци реката Вардар и на дури три мерни места припаѓа во трета категорија.
Решение лежи и во изградбата на пречистителната станица, проект на чија реализација се чека повеќе од една деценија.
„Со децении најголемата река во нејзиниот тек во тетовско е во трета категорија, а земјоделците ја користат за наводнување на земјоделските површини. Треба што поскоро да се завршат проектите за филтер станица за реката Вардар, но и за река Пена која треба да припаѓа во прва категорија оти поминува низ шарпланинскиот масив. Така да треба да се стремиме да биде Вардар минимално од втора категорија. Инаку реките си имаат голема моќ на самопречистување, но ние луѓето со своите активности допринесуваме да капацитетот на самопречистување биде намален, односно ние ги загадуваме реките. Пена е исто така рецепиент на канализациите од неколку села од Шар Планина, така да сме задоволни со капацитетот за самопрочистување што ја има, но тоа многу брзо ќе биде заситено и ќе мора нешто да се преземе, има некои проекти во најава за отпадните води, се надеваме дека ќе бидат реализирани и со Пена ќе можеме да се пофалиме дека е од прва категорија“, изјави Доктор Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Доктор Давидовски вели дека во време на летна сезона мора поголемо внимание да се обрне и на индивидуланите базени за капење. Тие особено во руралните средини користат води од селските водоводи од кои поголем број се микробиолошки загадени.
„Почна сезоната на рекреација и капење и гледам дека во нашата општина има многу индивидуални базени и секако тука треба да се обрне внимание на хигиената на базените оти не е само наполни го базенот и сме завршиле работа. Во услови кога во селските средини каде над 60 % од водите за пиење се загадени, а од таму се полнат базените, неопходно е да се преземат препораките за безбедно користење на базените и тука мислам пред да се ако се има базен да имаме механички филтер и дезинфекција, хлорни препарати и да се следат препораките на производителот , а не произволно да се користат препаратите, но и врз тие базени да се вршат контроли. Од друга страна не е опасна само микробиологија, туку опасна е и хемијата. Средствата кои ги употребуваме се хемиски и не треба да се претерува оти тоа може да наштети на здравјето, особено врз децата, изјави доктро Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.
Чистотата на рекреактивните базени се уште се испитува, но како што дополнува доктор Давидовски, искуството од изминативе неколку години, покажало дека тие ги исполнуваат стандардите односно припаѓаат во втора категорија.