Вал Килмер / Фото: Profimedia

Откриена официјалната причина за смртта на Вал Килмер

Американскиот актер Вал Килмер почина на 1 април на 65-годишна возраст. Како што потврди неговата ќерка Мерцедес Килмер, актерот ја изгубил битката со пневмонијата, болест која дополнително го ослабнала неговото веќе нарушено здравје.

Посмртницата, издадена од Одделот за јавно здравје на округот Лос Анџелес и добиена од медиумите, открива дека покрај пневмонијата, неговата смрт била предизвикана и од неколку други сериозни здравствени состојби: сквамозен карцином на коренот на јазикот, хипоксемична и хронична респираторна слабост, неухранетост и трахеокутана фистула. Телото на актерот било кремирано на 7 април.

Килмер со години се бореше со рак на грлото, кој му беше дијагностициран во 2015 година. Иако во 2021 година изјави дека е излечен, третманите, вклучувајќи зрачна и хемотерапија, како и две трахеотомии, оставија сериозни последици. Неговите гласни жици беа тешко оштетени, поради што речиси не можеше да зборува.

Во документарниот филм „Вал“, снимен во 2021 година и продуциран од неговите деца, Вал отворено зборуваше за болката и предизвиците: „Не можам да зборувам без да го затнам овој отвор. Мораш да избереш дали ќе дишеш или ќе јадеш“.

Во неговата последна филмска улога во „Топ ган: Маверик“ од 2022 година, публиката повторно имаше можност да го види како легендарниот Ајсмен – благодарение на вештачка интелигенција која помогна да му се „врати“ гласот на големото платно.

Според блиски извори, Килмер со години бил прикован за кревет, а неговата состојба се влошила во последните месеци. „Телото му беше премногу истрошено за да продолжи да се бори“, велат тие. Во последната недела од животот, актерот бил хоспитализиран во Лос Анџелес, каде што најблиските му се простија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот