
Осумнаесет ѝ се намерачиле на фотелјата на Данела
Најголем интерес има за градоначалник на метрополата каде што силите ќе ги одмерат 18 кандидати и 20 листи за советници. Освен 15 партиски, односно коалициски кандидати за градоначалник на престолнината, конкурираат и тројца независни кандидати и исто толку независни листи за советници од вкупно номинирани 20 советнички листи.
Ако се потврдат сите кандидатури, на локалните избори на 19 октомври влегуваат 312 кандидати за градоначалници и 575 советнички листи за 80 општини и за Град Скопје.
Препорачано
Најголем интерес има за градоначалник на метрополата каде што силите ќе ги одмерат 18 кандидати и 20 листи за советници. Освен 15 партиски, односно коалициски кандидати за градоначалник на престолнината, конкурираат и тројца независни кандидати и исто толку независни листи за советници од вкупно номинирани 20 советнички листи.
Од скопските општини најмногу номинации за градоначалничката фотелја има во Шуто Оризари, за каде што, пак, нема ниту една независна кандидатура. Во Кисела Вода и во Гази Баба ќе се соочат по седум кандидати за градоначалници, од кои две во Кисела Вода се независни. За прв човек на Аеродром ќе атакуваат шестмина кандидати, од кои само еден независен. Интересна ќе е изборната трка во Карпош, каде има пет номинации. Актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски ќе атакува на петти мандат во конкуренција со Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и Маја Мојсова од СДСМ, но има двојно повеќе кандидатури за советнички листи, односно 10. Во Центар, пак, на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски од СДСМ ќе му се спротивстават Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и независната Билјана Ивановска, а пријавени се девет советнички листи.
Иако се пријавени тројца кандидати, сепак, една од најжестоките битки се очекува во Чаир, каде што во клинч влегуваат поранешните сопартијци Бујар Османи од ДУИ и Изет Меџити од Вреди, а ним ќе им се спротивстави кандидат од Работничка партија. За општинскиот совет на Чаир атакуваат девет советнички листи.
Скопје со најмногу номинации, зад него се Прилеп и Струга
По Скопје, најмногу кандидати за градоначалничката функција има во Прилеп и во Струга, каде што има по девет номинации и по 10 листи за советници. Интересно и за Струга и за Прилеп е дека од девет кандидати за градоначалници, пет се независни кандидатури и три, односно две независни советнички листи.
За „градски татко или мајка“ на Битола и на Куманово се номинирани по осум кандидати, од кои за градоначалник на Битола во трка влегуваат четири независни кандидати, додека за Куманово двајца. За Советот на Куманово пријавени се 14 советнички листи, додека за битолскиот совет – 16 листи.
Од 80 општини, впечатливо е дека само во Македонска Каменица за градоначалничката функција нема партиски кандидати, односно има две независни номинации.
За градоначалник на Штип директно ќе се судрат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, но затоа за место во штипскиот совет атакуваат 11 советнички листи на независни и на партиски кандидати. Во Македонски Брод, пак, каде што за градоначалник конкурираат четворица кандидати, има дури 13 листи за советници, од кои пет се независни.
За градоначалник на Кочани се предложени шест кандидати и девет советнички листи.
Јавноста се изненади од кандидатурата во Илинден каде на актуелниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Георгиевски, ќе му се спротивстави поранешниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во четири мандати Жика Стојановски. Лидерот на СДСМ Венко Филипче пред новинарите изборот за номинацијата на Стојановски ја оправда дека тој бил компетентен.
– Сметаме дека на прво место го ставаме капацитетот на човекот, тоа дали може да ја оствари програмата, колку сме компатибилни во овој момент, какво разбирање има со луѓето што треба да работат на кампањата, тоа се членовите на СДСМ – рече Филипче.
Интересно е дека за советот на Петровец се номинирани 10 советнички листи.
СДСМ без кандидати во општините во кои „немаат шанси“
Филипче не номинира кандидати за градоначалници за Кичево и за Струга, бидејќи, како што велат од СДСМ, таму немаат шанса за победа, иако до последен момент калкулираше за изборниот настап во тие две општини.
– Во тие две општини и во другите општини каде што ние практично немаме шанси за победа, со оглед на тоа дека се мултиетнички и има други помоќни партии, јас го слушав гласот, пораката и желбата на партиските членови. Еве, на овој начин да се смени таа парадигма да дадат поддршка на нивно барање на луѓето на кои најмногу им веруваат, кои имаат капацитет да ја водат општината според програмата и личните познанства за еднаш да почнеме да размислуваме малку поинаку, надвор од политичката кутија во којашто се наоѓаме – рече Филипче.
Наспроти ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои нема да влезат во изборна трка за Тетово, Гостивар и Струга, Левица номинира свои кандидати за тие општини. ВМРО-ДПМНЕ уште во првиот круг ќе ги поддржи кандидатите на владиниот партнер Вреди за тие општини.