
Осумдесетгодишниот Романо му помага на слепо Македонче во Италија
Осумдесетгодишниот Романо од тосканското село Консума секое утро со автомобил носи на училиште едно шестгодишно дете од Македонија, кое е слепо, а неговиот татко, кој работи како дрвосечач, нема услови да го прави тоа, пишува весникот „Кориере Дела Сера“.
Препорачано
Хуманиот тосканец, и покрај поодминатите години, станува рано секое утро и вози петнаесет километри по кривулестиот и тесен планински пат за да го однесе слепото дете до училиштето во гратчето Пелаго. Потоа, кога ќе завршат часовите, го зема од училиште и го враќа дома.
Детето не може да ја користи услугата на општинскиот автобус, бидејќи нема придружник за лице со посебни потреби. Романо не е во никакво сродство со детето, ниту е платен или ангажиран од некого за тој труд.
Приказната за Романо се раширила по социјалните мрежи, иако самиот тој не сакал многу да зборува за својот подвиг. Тој признава дека на таа возраст патувањето му е напорно, но има нешто што му надоместува.
– Секое утро, кога го оставам во училиште, го гледам како се приближува кон другите деца, ги допира нивните лица и ги препознава едно по едно. Тоа е нешто прекрасно. Извини, но сега морам да се вратам дома бидејќи утре наутро рано станувам за да го извозам вообичаениот пат накај Пелаго – изјавил кратко 84-годишниот Романо.
Локалните жители се воодушевени од гестот на нивниот повозрасен сосед.
– Еднаш го слушнав слепиот музичар Андреа Бочели како кажа нешто прекрасно: Светот е полн со зло, но и покрај сè, опстојува, зашто доброто го има повеќе. Бочели има право. Благодарение на такви како господинот Романо и на тоа дете, сонцето ќе изгрее и утре изутрина – изјавил соседот Џулио Гори.