Комисија за помилување Фото: Кабинет на претседател

Осуденикот да биде во фокусот на новиот закон за помилување

Ќе се зголемува опфатот на помилувања во однос на бројот и на времетраењето. Помилувањето е човеково право на осудениците што мора да се почитува, а при негово спроведување не смее да постои политичко и партиско влијание.

Правните експерти се во потрага по механизам со цел да не ни се повторат помилувања на осуденици кои додека ја издржуваат казната вршат ново кривично дело, како во случајот со припадникот на нарко-кланот „Барон“, што ја скандализираше јавноста. Претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, на средба со актуелните и со поранешни членови на Комисијата за помилување, го почнаа процесот на изработка на нов закон за помилување, кој таа го најави на почетокот на годинава. Акцент во новото законско решение ќе се стави и на депотилитизација и департизација на постапката за помилување на осудениците и на зголемување на опфатот на помилувања во однос на бројот и на времетраењето.
Средбата доаѓа на иницијатива на претседателката поради ставот на правниците оти постојниот закон предизвикува сериозни проблеми во процесот на помилување и дека има потреба од ново законско решение.

– Неподелен беше ставот за потребата од деполитизирана и департизирана постапка за помилување. Мнозина од поранешните членови на комисиите за помилување го критикуваа рестриктивниот пристап на помилување. Во таа насока, беше предложено зголемување на опфатот на помилување, како по однос на бројот на помилуваните, така и во поглед на времетраењето. Сите учесници сметаат дека Комисијата треба да остане отпорна на притисокот на јавноста, водена од оправданоста на сопствените одлуки за помилување. Членовите ја посочија и потребата за обезбедување механизми, преку индивидуален пристап Комисијата изворно да се информира за состојбата на осуденикот и степенот на неговата ресоцијализација, независно од природата и висината на казната – информираат од Кабинетот на претседателката.

Калајџиев: Проблеми што се провлекуваат со години

Било потенцирано и дека помилувањето е човеково право на осудениците што мора да се почитува, а при негово спроведување не смее да постои политичко и партиско влијание. За самиот процес на помилување била истакната и потребата од координирана работа меѓу Судот, Министерството за правда и Комисијата за помилување, со почитување на начелото на поделба на власта.

Професорот и поранешен член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев, вели за „Слободен печат“ дека не се во прашање само проблемите што се покажале од последните случувања, туку се проблеми коишто се провлекуваат со години, и тоа околу не многу јасната ситуација кој од државните органи е должен кои информации да ги собере за лицето кое евентуално би било помилувано. Тој објаснува дека судот го праќа судското досие, затворите даваат извештај за поведението на затвореникот и сега прашањето е – кој да ги собере другите евентуални податоци коишто, пак, по својот обем се спорни, дали треба да опфаќа податоци од полицијата и разузнавачките служби, што значи податоци за криминална активност што не е процесуирана и не е помината низ судски постапки од аспект на презумција на невиност.

Професор Гордан Калајџиев

– Останува дискутабилно дали воопшто и до која мера треба да се собираат такви податоци и кој би ги собирал, зашто според сегашниот закон, би требало судот да ги собира сите податоци. Судот сега само го праќа судското досие. Таму немаат ниту капацитет ниту намера да прават нешто повеќе. Министерството за правда ги собира податоците од затворите и заедно со тие од судот ги пакува во извештаи и дава мислење, но и Правда не собира такви податоци. Комисијата за помилување нема правна основа да собира податоци кои се заштитени, како лични податоци за граѓани. Член на комисија не е државен орган, Комисијата ја нема ни во закон и не постои овластување таа да собира податоци. Идејата е да ги гугламе, што е смешно, наивно и неодговорно. Решението би било тоа да го прави или Министерството за правда или судовите кои треба да побараат, не нови податоци, туку да се направи проверка од досиејата кои се во МВР и разузнавачките служби – дали постојат такви досиеја за тие лица и што има во нив, дали се тие основани, проверени или се само индиции. Според мене, не би морало такви проверки да се прават за сите, туку само за тие што Комисијата би ги избрала како подобни за помилување од досиејата што ги добива вообичаено од судот и институците – вели Калајџиев.

Тој додава дека досиејата што се добиваат од институциите се многу сувопарни и таму работата е јасна во негативна смисла, односно ако се тие дисциплински казнувани или побегнале.

– Ако има такви сериозни фалинки, нивниот резултат е вистински со поведението во институциите и во резултатите во превоспитувањето се доста спорни или непрецизни, главно позитивни, ама под знак прашање. Искрено е многу смешно во заклучокот од мислењето што го дава Министерството за правда, а по повод позитивната оценка од институциите. Вели – бидејќи му почнала добро постапката за превоспитување, нека си поседи уште малку во затвор. Смешно, ама така пишува во 90 отсто од заклучоците. Општо познато е дека процесот на превоспитување таму е тотално закочен и сведено е на гола одмазда и на губење време – смета Калајџиев.

За зголемување на опфатот на помилување, како по однос на бројот на помилуваните, така и во поглед на времетраењето, професорот вели дека притисокот на јавноста делува негативно „да дуваат на јогурт“, се наоѓаат маани и не се дава помилување колку што би можело или колку што би требало да се даде од аспект на реалните ситуации и уште помалку од аспект како еден вид компензација за лошите услови во затворите.

– Ако добиете пет години во македонски затвор е како да лежите 10 во нормален затвор. Со оглед на реалната пренатрупаност, зашто луѓето чека да одат во затвор, што само по себе е опасно, добро е да се мотивираат кога веќе не може да се ресоцијализираат со методи, да се поттикнат самите со можноста да добијат помилување. Нашата јавност, по вакви инциденти, како што е сообраќајкава, е настроена, да не речам крвнички и нема шанса да имаат емпатија кон затворениците како луѓе, дека и тие се луѓе и може да згрешат – вели Калајџиев.

Според постоечкиот закон, нема ограничувања колку пати може претседателот да помилува во годината и обично тоа се прави за празници. Познати се како таканаречени групни помилувања кои, пак, како формулација не постојат во законот.

– И тоа исто беше предмет на расправа во смисла дека за групните помилувања одлуката во суштина ја носи казнено-поправната установа. Таа го врши подизборот и со оглед на големата корупција во затворите, ние не сакаме да тврдиме дека тие се баш пуштени со корупција, но имаме сериозни сомневања дека на казнено-поправната установа поради големата корупција не може да ѝ се верува, и тука се прават напори како да се промени ситуацијата кај групните помилувања – вели професорот.

Гордана Сиљановска Давкова Фото: Кабинет на претседател

Според информациите, новото законско решение нема да биде брзо донесено, зашто планот е да има расправа, да се формира работна група за законот и можно е да има поширока расправа. Ова би значело дека новиот закон за помилување пред пратениците би стасал кон крајот на годината или дури следната.

 Сиљановска-Давкова: Сегашниот закон не е системски поставен

Сиљановска-Давкова неодамна изјави дека е потребен е нов закон за помилување, во чиј фокус би биле луѓето затвореници, оти сегашниот не е системски поставен. Според неа, една од основните забелешки на нашиот систем на помилувања или на намалувања на казните е многу краткиот период, затоа што, како што посочи, правото на помилување или на милост е човечко право. Она што е најважно, вели таа, при помилувањето е – судот.

„Ниту Министерството за правда, ниту Комисијата за помилување можат или смеат да играат улога на истражни органи – да се јавуваат во АНБ или АР за да ги проверуваат луѓето. Тоа е работа на судот – значи судијата го креира профилот, досието што доаѓа кај нас. Само судот може да ги проверува фактите и доказите, не ние. За мене најважно е кој и како ја прави селекцијата во затворите -кога ќе побараат или самите затвореници или нивните најблиски намалување на казната и кој го ниже досието. Ако внатре ги немате сите потребни елементи, тогаш ниту Министерството за правда, ниту ние може навистина да имаме вистинска претстава за луѓето. Затоа, велам дека во иднина дури и во рамки на Судскиот совет би можело да се разгледува начинот на кој што судиите ги креираат досиејата за луѓето, бидејќи од тоа зависи како ќе постапуваме ние – изјави тогаш претседателката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот