
Остра реакција на Охрид за натпреварот со Шкендија Арачиново: Добивавме закани, организацијата беше аматерска, а делегатот ни кажа – „играјте и ќутете“!
Фудбалскиот клуб Охрид преку официјално соопштение остро реагираше на случувањата за време на саботиот натпревар против Шкендија Арачиново кој заврши со победа од 2-1 за домаќините.
Препорачано
Иако од клубот потенцираат дека не бараат алиби за поразот, тие упатија сериозни забелешки за некоректна организација, лоши услови и закани кон стручниот штаб и играчите.
„Гостопримството на домаќинот траеше до нашето водство во 5. минута, по што започна дивеење од делови на управата, од обезбедувањето, од публиката, па дури и од цивилни лица чие присуство на теренот не беше објаснето“, се наведува во соопштението на охридскиот клуб.
Особено загрижувачки, според нив, бил инцидентот по доделувањето црвен картон на играчот Гоце Толески, кој бил „вербално нападнат и насилно отстранет од стадионот“, без да му биде дозволено ниту да влезе во соблекувалната. Од клубот тврдат дека само поради смиреноста на фудбалерот не дошло до поголем инцидент.
Критики беа упатени и кон делегатот на натпреварот, кој, како што се тврди, останал нем на повеќе предупредувања и реакции, вклучително и на моментот кога на капитенот на Охрид му било кажано: „Играјте и ќутете“, откако реагирал за недостигот на топки на теренот.
Дополнително, од ФК Охрид велат дека публиката користела пиротехнички средства и фрлала предмети на теренот, што е строго забрането според прописите на ФФМ, а сепак не било санкционирано.
„Организацијата на натпреварот беше под секое ниво и повеќе наликуваше на аматерски натпревар отколку на официјален меч од национално првенство. Вакво однесување не смее да има место во фудбалот – македонскиот фудбал треба да оди напред, а не неколку децении назад“, стои во реакцијата на клубот.
Клубот завршува со порака дека ќе продолжи да се однесува професионално и гостопримливо и апелира до надлежните институции и Фудбалската федерација на Македонија да ги испитаат инцидентите и да спречат слични појави во иднина.
Овој натпревар беше одигран на теренот на Фортуна во Синѓелиќ.
