Бујар Османи / Фото: МНР

Османи: Владата направи лоша процена дека ќе обезбеди јавна доминација врз наративот со Бугарија

Владата мора да се соземе и да го преиспита односот кон европските пријатели, но и кон сопствената одговорност, бидејќи Брисел, Берлин, Париз и останатите веќе се заморени од несериозни импровизации, пишува на Фејсбук потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи.

Неговата реакција следува по најавите од Бугарија дека трите партии во Европскиот парламент се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од извештајот на Томас Вајц за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ.

Како што наведува во објавата Османи, во клучниот документ на ЕУ за Северна Македонија, Унијата го прифаќа македонскиот јазик без никакво дообјаснување, без фусноти или ѕвездички, без никакви дополнителни квалификации. Веднаш потоа оваа чиста формулација беше применета во договорот за Фронтекс, како прв преседан за употреба на македонскиот јазик од страна на Унијата кој треба да продолжи да се применува и во иднина, вели тој.

„Веднаш потоа оваа чиста формулација беше применета во договорот за Фронтекс, како прв преседан за употреба на македонскиот јазик од страна на Унијата кој треба да продолжи да се применува и во иднина. Да се доведе во прашање оваа позиција за помалку од една година не само што претставува израз на несмасност, туку и на неодговорност предизвикана од политички егзибиционизам. Владата направи огромна грешка што го постави јазикот како алатка за дневна политика и популистичка егзибиција. Со тоа тие ја отворија темата што веќе беше затворена, затоа што направија погрешна проценка дека ќе обезбедат јавна доминација врз наративот со Бугарија“, пишува Османи.

Според него, поради несериозен однос на Владата кон овој процес, македонскиот јазик и идентитет се избришани од Извештајот.

„Ова не се случи зашто Брисел не нѐ разбира, туку напротив, зашто што добро го сфати „ербаплукот“ на домашната политика во која преовладува балкански триумфализам потхранет со националистичка несмасност, неукост, и чии порази редовно завршуваат со префрлање на вината кај други. А земјава очигледно има искрени пријатели, како Томас Вајц, кои оставаат впечаток дека се позагрижени за нејзиниот успех од оние кои ја предводат. Вајц се обиде со чиста намера да внесе позитивна формулација во извештајот, но неговиот напор беше пресретнат од потребата за шпекулација и потхранување на политичкото его, и наместо да биде цврсто поддржан, тој беше пуштен да падне како жртва на домашниот триумфализам и балканска надменост. Со таков однос исходот е логичен: позициите се изгубени, а довербата разнишана, пишува Османи и додава дека овој дебакл не мора да значи севкупен пораз“, наведува Османи.

Сепак, тој посочува дека „дебаклот“ не мора да значи севкупен пораз. Екс министерот смета дека треба трезвено да се признае грешката и државата да се врати на најсилната основа, а тоа е Преговарачката рамка.

„Ниту еден извештај на Европскиот парламент нема тежина каква што има Рамката, одобрена со консензус од сите земји-членки. Таа е најсилната гаранција, не само за јазикот и идентитетот, туку и за патот на државата кон ЕУ“, вели Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот