Бујар Османи со Жоао Гомес Кравињо министер за надворешни работи на Португалија / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Османи до Кравињо : Сега во ЕУ ќе можете да го слушнете македонскиот јазик

Ние имаме долгогодишни односи, меѓутоа сè уште не знам македонски. Ако ги зајакнеме и интензивираме односите можеби и ќе научам македонски, рече португалскиот министер за надворешни работи, Гомес Кравињо заблагодарувајќи им се на преведувачките на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со шефот на нашата дипломатија, Бујар Османи.

„Сега во ЕУ ќе имате можност да го слушнете и јазикот“, му реплицираше Османи.

Во однос на јазикот, шефот на дипломатијата одговараше и на новинарски прашања за унилатералната изјава што Северна Македонија ја достави до ЕУ на првата меѓувладина конференција на 19 јули, за што рече дека таквата изјава е дел од францускиот предлог, а претходно била предвидена и со португалскиот и со германскиот. Тој потсети дека бугарската страна своја изјава за македонскиот јазик има испратено уште пред пет години до Обединетите нации по потпишувањето на Преспанскиот договор.

„Унилатерална нота за јазикот Република Бугарија има испратено уште во 2018 година, веднаш по потпишување на Преспанскиот договор штом се запиша во картата на ОН македонски јазик согласно преспанскиот договор, Бугарија испрати унилатерална нота со иста содржина. За жал, тогаш не беше претставена на јавноста, и јавноста не знае дека тоа веќе се случило уште пред пет години за сите држави членки на ОН. Сега се прави и до ЕУ, нота која веќе е испратена во ОН во 2018 која нема никакво правно значење бидејќи Бугарија гласаше за преговарачка рамка во која македонски јазик е чист. Нашата унилатерална позиција е дел од тој француски предлог, претходно и португалски и германски, за да се претстави нашата позиција по однос на јазикот“, рече Османи.

Според министерот, нашата изјава е во согласност со Уставот, како и со резолуцијата и заклучоците од Собранието.

„Ако имате предвид дека во тие предлози од германскиот требаше да има само две реченици дека е официјален јазик на Северна Македонија кодифициран 1945 година, ние успеавме да имаме опис кој е согласно нашиот Устав, резолуцијата на Собранието од 2021 година и заклучоците на Собранието од минатата недела. Притоа, тоа не е историски текст во кој хронолошки се опишуваат сите аспекти од развојот на јазикот, но најважните елементи од Уставот, резолуцијата и заклучоците се вметнати во однос на тој текст“, појасни Османи.

Министерот ги спомена и коментарите дека изјавата не била лекторирана и нагласи дека и Северна Македонија и Бугарија до Брисел изјавите ги доставиле на англиски јазик, додека тоа што беше објавено е само превод на македонски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот