Фото: Слободен печат/Васка М.Младеновска

Оскаровец и рекорден број странски гости на 44. Филмски фестивал „Браќа Манаки“ во Битола

Во Битола в сабота започнува 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и како што беше истакнато на денешната прес-конференција во Офицерскиот дом во Битола, публиката ќе има можност да проследи извонредна филмска програма со 79 филмови во три киносали.

На фестивалот се очекува да присуствуваат близу 400 гости, од кои околу 160 гости се од странство, најави директорот на Фестивалот „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски.

-„Браќа Манаки“ е фестивал на Битола, тука припаѓа и тука ќе остане бидејќи браќата Манаки најголемиот дел од фотографската и документаристичката кариера ја поминале во Битола. Овој фестивал расте и оваа година на фестивалот ќе има близу 400 гости, од кои околу 160 се од странство и тоа е голема бројка. На програмата ќе бидат прикажани 79 филмови во три киносали, од кои едната киносала е на отворено. Станува збор за филмови во специјални селекции на исклучителни филмови што не можеа да го најдат своето место во официјалната натпреварувачка програма и надвор од конкуренција-рече директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.

Тој најави извонредна програма од 12 филмови, гиганти во светската кинематографија во натпреварувачката Камера 300, филмови од најголемите светски филмски фестивали: Кан, Берлин, Венеција, Карлови Вари итн.

– Оваа година кога технологијата забрзано оди напред а тука страда човечкиот фактор, токму заради тоа решивме да направиме селекција на филмови во кои човекот ќе биде доминантен и фокусот на филмското платно и оттука предност им дадовме на филмови што не се оптоварени со технологија, туку знаењето и умешноста на кинематограферот покажуваат високо ниво на визуелна умешност и за некои филмови неверојатни кадри од постоењето на филмот како уметност. Тенденција ни е да прикажеме филмови во кои човекот е центарот на светот. Во конкуренција имаме врвни кинематографери кои работат во тандем со врвни режисери, главно се тоа европски, азиски, а имаме и исклучителен гостин од Америка-најави првиот човек на „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски.

По отворањето на фестивалот ќе биде организирана тркалезна маса на моќни кинематограферки кои ќе се обидат да ги охрабрат жените во Македонија и регионот да стануваат кинематограферки.

– Во државата сме имале само две од кои едната веќе не се занимава повеќе со кинематограферство. Вториот настан ќе биде Балканската конференција на кинематографери каде ќе се постават барањата за подобрување на условите на работата на кинематограферите во светот. Потоа во рамките на наследниците на Манаки децата ќе се едуцираат на снимаат со телефони, да монтираат. Исто така ќе се обидеме Битола да се претвори во град на амбасадорите и трите амбасадори на Германија, Италија и Франција ќе организираат вечери на култура поврзани со филмовите што ќе учествуваат во филмската програма-истакна Дамевски.

Тој на денешната прес-конференција се пожали дека годинава фестивалот го организираат со намален буџет или 25 илјади евра помалку од лани.

– Минатата година имавме буџет од 200 илјади евра и сега кога цените се зголемија буквално на се, ние фестивалот го организираме со 25 илјади евра помалку. Благодарение на спонзорите од кои најмногу помагаат битолските фирми, ние можеме всушност да го организираме филмскиот фестивал, бидејќи меѓу спонзорите имаме такви кои повеќе од 15 години финансиски го помагаат фестивалот „Браќа Манаки“-рече директорот Дамевски.

За време на фестивалот, Битола на гостите од надвор им дава нешто што не можат да го најдат на друго место а тоа е срдечното гостопримство и кафето на Широк сокак, велат организаторите.

– Манаки офф програмата која започнува утре е за гостите да се чувствуваат убаво во Битола. Концептот на офф програмата е да направиме едно поврзување и едно задоволство кое ќе трае до наредното издание на фестивалот и оваа програма го поврзува фестивалот со граѓанскиот сектор, локалната заедница, со бизнис заедницата и со уметниците, обезбедувајќи една интерсекторска соработка. Програмата опфаќа колаж од активности од уметнички изрази, работилници на режисери за средношколци во Битола, и многу други настани што ќе се одржуваат во битолската Магаза-најави на прес конференцијата, Маја Ангеловска задолжена за Манаки офф програмата.

Инаку, на свеченото отворање и затворање на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе бидат прикажани два македонски филма, а специјален гостин на филмскиот фестивал во Битола ќе биде оскаровецот Питер Бижу.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!