Прес-конференција на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска

Оркестарот за џез музика добива нова адреса и простор за трајно користење

Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници ќе добие нова адреса и простор за трајно користење. Просторот е со површина од 475 квадратни метри, а проценетата вредност на реновирањето е околу 200 илјади евра или над 11 милиони денари. Овие средства ги обезбедија Министерството за култура и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

На денешната прес-конференција на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Битиќи, тие појаснија дека обезбедена е изработка на Основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната установа Национална опера и балет.

„Просторот е со површина од 475 квадратни метри и со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории“ – изјави Костадиновска-Стојчевска.

Со работата на Здружението, министерката вели дека се оживуваат многу стари спомени за Скопје и го заокружуваат музичкиот простор каде што се и Средното музичко училиште, Факултетот за музичка уметност, Националната опера и балет, Филхармонијата, па и живиот парк „Ибни Пајко“.

Министерката заклучи дека со Оркестарот за џез-музика се комплетира и се збогатува ова музичко и уметничко опкружување, и со оглед на тоа што џезот е музика на слободни стилови, таа е убедена дека постојаното присуство на џезерите овде ќе значи нов квалитет за културата, за социјалниот живот и за сликата на Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот