Работници на топло време / Фото: Слободен печат - Методи Здравев

Организацијата на работодавачи: Во фирмите се соочуваме со насилство и меѓу газдите и работниците

Нашата Алатка за процена на ризик – насилство и вознемирување треба да им помогне на газдите, управителите, на синдикалците и на работниците, да ги превенираат проблематичните моменти, вели Ангел Димитров од ОРМ

Туркање, зграпчување, буткање, сопнување, удирање шлаканици, гризење, гребење, удирање, клоцање, бодење и фрлање со предмети како и физички полови напади, вклучително и силување, се дел од широката палета што го дефинираат физичкото насилство на кое може да бидат изложени и македонските работници, но и нивните работодавачи, не само во приватниот, туку и во јавниот сектор. Кога македонските работници пријавуваат насилство и вознемирување, тие често се соочуваат со процедури за докажување на насилството и вознемирувањето што се прилично сложени и економски исцрпувачки. Ова обесхрабрува голем број работници да бараат заштита од системот.

Организацијата на работодавачи подготвува Алатка за процена на ризик – насилство и вознемирување, нарачана од Меѓународната организација на трудот (МОТ) и е изготвена од меѓународниот експерт за безбедност и здравје при работа Нина Хедегард Нилсен и од националниот експерт за БЗР, Милан Петковски.

Работодавачите се свесни дека по фирмите има секаков вид вознемирување, расправии, па дури и физичко насилство.

– Алатката треба да им помогне на газдите, управителите, на синдикалците и на работниците, без разлика на големината на компанијата, да направат процена на ризик со помош на стручни лица. Има разни случаи на насилство и тука се вклучени и газдите и нивните работници. Времето е такво, се менува структурата на вработените, се продлабочува старосниот јаз меѓу колегите, се повишува тонот… – објаснува за „Слободен печат“ Ангел Димитров од ОРМ.

Дел од административците со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека многупати нивните раководители им сокриваат информации од суштинско значење за работата, а честопати се потценети за тоа што го сработиле или за нивната компетентност. По секои избори, службениците се на штрек, бидејќи со менувањето на раководната структура, работното време, позицијата или распоредот за работа намерно им се менувале.

– По секои избори доаѓаат нови лица, понекогаш се прават умни кон затекнатите колеги. Некои веднаш „реорганизираат“, преместуваат или ставаат несоодветни кадри каде што не им е местото. Тоа иритира, а знае да прерасне и во вербално навредување – вели една постара службеничка.

И ако некој мисли дека насилни работи се случуваат само на работното место, се лаже – вознемирување може да има и надвор од работното место, за време на работното време и по неговото завршување, па дури и во канцелариите, за време на паузите, во гардеробите, па дури и во тоалетите! Се пријавуваат и случаи во текот на патувањето до и од работа, за време на службени патувања, обуки, настани и социјални активности, и преку комуникации поврзани со работата (вклучувајќи ги онлајн комуникациите).

– Насилството и вознемирувањето може да имаат сериозни физички и ментални последици за лицата што ги претрпеле. Продуктивноста, ефикасноста и еланот на работното место и целата организација може, исто така, да бидат погодени, бидејќи насилството и вознемирувањето може да создадат заплашувачка, непријателска или понижувачка работна средина и може да доведат до зголемени стапки на изостанување од работа и на обрт на вработените – додава Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот