Фото: ОПМ

Организацијата на потрошувачи ќе поднесе тужби наместо граѓаните за полисите за автоодговорност

ОПМ ги повика граѓаните што платија повисоки суми за полисите за автоодговорност да поднесат приговор на нивната платформа – Пријави проблем за финансиски услуги. Станува збор за суми од 840 до 1.600 денари, кои дополнително ги издвоија околу 10.000 граѓани, до кога важеа за 15,4 отсто повисоките цени на осигурувањето на возилата

Организацијата на потрошувачи на Македонија ги повика граѓаните што платија повисоки суми за полисите за автоодговорност да поднесат приговор на нивната платформа – Пријави проблем за финансиски услуги. Во случај да се пријават повеќе оштетени потрошувачи од еден ист давател на финансиски услуги со ист или сличен проблем, ќе биде потребно да се поведе судска постапка со согласност за обесштетување, а ОПМ е спремна да помогне при поведувањето на постапката.

„Слободен печат“ неодамна го пренесе негативниот став на осигурителните компании, кои беа децидни дека нема да има поврат на средствата! Станува збор за суми од 840 до 1.600 денари, кои дополнително ги издвоија околу 10.000 граѓани, до кога важеа за 15,4 отсто, повисоките цени на осигурувањето на возилата. Осигурителните компании со кои разговаравме консултирале и правници и ни рекоа дека процесот бил сложен, затоа што полисите ги продавале преку агенти, на кои им платиле од 20 до 40 отсто од вредноста на полисата.

Од Асоцијацијата за супервизија на осигурувањето, пресметаа дека во просек неделно се регистрираат околу 10 илјади автомобили, од што е лесно да се калкулира дека ист број граѓани ја преплатија полисата.

– Доколку граѓаните се оштетени од осигурителните компании за плаќање повисок износ за полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во периодот од 25 април до 3 мај годинава, кога цените беа процентуално покачени, може да поднесат приговор на нашата платформа. Доколку сме побројни и нашите права ќе бидат подобро заштитени – велат од ОПМ за „Слободен печат“.

Алатката е направена и наменета за граѓаните да ги претстават своите проблеми кои евентуално ги имаат со давателите на финансиски услуги: банките, штедилниците, финансиските друштва, давателите на финансиски лизинг и осигурителните компании.

– Доколку сте биле оштетени од некој од наведените даватели на финансиски услуги, преку оваа онлајн алатка можете својот проблем да го пријавите до Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ), а ние ќе се обидеме да го решиме по институционален пат. Надлежните институции што ќе ги контактираме за одделните даватели на финансиски услуги, а кои имаат овластувања да вршат надзор над нивната работа се: НБРСМ (банките и штедилниците), Министерство за финансии (финансиски друштва – брзи кредити и финансиски лизинг), Агенција за супервизија за осигурување – АСО (друштва за осигурување, осигурително брокерски друштва, друштва за застапување во осигурување) и Државен пазарен инспекторат – ДПИ (измамнички реклами на финансиски производи и услуги за сите финансиски институции) – објаснуваат од ОПМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!