Виктор Орбан / Фото EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Орбан: Зеленски да се произнесе за постигнување примирје во Украина за време на божиќните празници

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска во Брисел дека неговиот план за постигнување примирје во Украина за време на божиќните празници е „на маса“ и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да изјави дали ќе го прифати планот.

Орбан потсети дека планот се однесува на прекин на огнот за празниците за да се спречи смртта на илјадници млади луѓе на линијата на фронтот, како и размена на воени заробеници.

На прашањето дали планира денеска да има билатерални разговори со Зеленски, Орбан рече дека е „секогаш подготвен“ за сите „разумни“ разговори, пренесе агенцијата МТИ.

Орбан претходно изјави дека Зеленски го отфрлил предлогот на Унгарија до Украина да воспостави примирје со Русија за Божиќ и да изврши голема размена на затвореници, додека Москва начелно го прифати предлогот.

„Пратеничката група во Европскиот парламент Патриоти за Европа(ПФЕ) е опозиција во Брисел и тие имаат за цел да станат мнозинство“, рече Орбан по пристигнувањето на состанокот на ПФЕ пред самитот на ЕУ во Брисел.

Тој оцени дека ќе бидат потребни „неколку години“ за да се постигне таа цел. Орбан истакна дека ПФЕ има за цел да „промени сè“ во Брисел на начин како што тоа го направи новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во САД.

Орбан повика на запирање на илегалната миграција, како и за што побрзо намалување на цените на енергијата со цел европската економија повторно да стане конкурентна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот