
Општина Кочани ќе помага на компаниите да ги дезинфицираат производните хали
Нова акција за дезинфекција на производните хали во кочанскиот стопански сектор денеска иницира градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, со цел спречување на можноста за ширење на болеста КОВИД-19.
Препорачано
– Подготвени сме да им помогнеме на стопанствениците во чии простории се одвива производството, а каде има зголемо присуство на лица. Од наша страна ќе обезбедиме бесплатна дезинфекција на работниот простор, а акцијата ќе ја реализираме со Територијалната противпожарна единица. За оваа намена обезбедивме и опрема и средство за дезинфекција. Потребно е компаниите да се пријават на телефонскиот број на командирот на пожарникарите за да се усогласи терминот за дезинфекција, истакна градоначалникот Илијев.
Општина Кочани продолжува да ги спроведува превентивните мерки од Владата и од Кризниот штаб за спречување на заразата од коронавирусот. Градскиот пазар и на денешниот пазарен ден остана затворен, што е втора недела, а воведена е и редукција во јавниот градски превоз со само две поаѓања на постојните релации во утринскиот и во вечерниот термин.
Според известувањето од општинскиот Кризен штаб, преполовен е бројот на граѓаните во домашна изолација и во моментот обврска за таква мерка се применува кон 61 лице.
Градоначалникот Илијев упати благодарност до сите совесни граѓани за почитувањето на мерките за безбедно однесување во услови на пандемија и на вонредна состојба во нашата држава и повика сите, со одговорно однесување да се грижат за сопстевното, а со тоа и за јавното здравје.