
Општина Карпош во 2025-та ќе се всели во нова зграда, Центар ќе започне да ја гради
Општина Карпош наредната година конечно, по долги години изградба, треба да се всели во новата административна зграда, додека пак Општина Центар, по многу најави, во 2025 треба да ја започне изградбата. Аеродром очигледно се откажа од идејата да гради нов објект, па и понатаму ќе плаќа кирија за просторот што го користи администрацијата, додека Општина Гази Баба, која има и готов проект за изгледот на новата зграда, не се знае кога ќе ја започне изградбата.
Препорачано
Новата општинска зграда на Карпош е најдолго градениот административен објект во Скопје, кој се гради веќе 12 години, иако кога започнаа градежните работи, есента 2012 година, беше кажано дека за осум месеци Општината ќе добие нова зграда. Но, нејзината изградба наиде на многу пречки, а четири години беше и сосема запрена и се бараше решение како да продолжи, затоа што дотогаш изграденото отстапувало од проектот врз основа на кој е издадено одобрението за градба.
Сега, од Општина Карпош стигнуваат оптимистички најави дека администрацијата, која моментално е сместена во бараки во дворот и во дел од основното училиштет„Лазо Трповски“, наредното лето треба да се всели во новата зграда.
Во новата административна зграда која се простира на површина од 4.500 метри квадратни во тек се градежни зафати, а со работа ќе се продолжи и во следната година. Во Буџетот на Општина Карпош за 2025 година издвоени се 40 милиони денари со кои се предвидува да се завршат градежните активности во првата половина на годината, а некаде во текот на летото целата администрација да се префрли во новиот објект тврдат од Карпош.
Целиот проект требаше да чини помалку од три милиони евра, но низ годините, особено последниве кога сериозно се зголемија цените на градежните материјали, инвестицијата значително порасна. Само сумата предвидена во буџетот за 2025 е околу 650 илјади евра.
Општина Центар пак, која е сместена во бараки стари 60 години, оваа година ја започна постапката за нов административен објект, откако, како што вели градоначалникот Горан Герасимовски, по двегодишни напори успеале да го добијат земјиштето во сопственот на Општината. Во јуни годинава беше објавен и конкурс за идејно решение, а минатиот месец беа објавени резултатите.

Стручната комисија од 13 пристигнати трудови избрала три најдобри архитектонски решенија.
Избраните три решенија поставуваат темел за изградба на современа и функционална зграда која ќе ги задоволи потребите на граѓаните и администрацијата, истакна Герасимовски.
Со изградбата на планираниот нов комплекс, старите бараки ќе се заменат со современ објект за општинската администрација, а локалните жители ќе добијат функционален простор. Проектот вклучува изградба на подземен паркинг со околу 300 паркинг места и простор за 100 велосипеди, што треба да го реши проблемот со паркирањето во околината.

Општина Аеродром ја започна постапката за изградба на нова општинска зграда во мандатот на претходниот градоначалник Златко Марин, пред сѐ поради големите месечни трошоци за наем од 8000 евра месечно, односно 96.000 евра годишно. Зградата требаше да се гради во населбата Ново Лисиче, на просторот после крстосницата со булевар Србија и да биде со површина од 4.500 квадратни метри.
На јавен конкурс беше избрано идејно решение за нејзиниот изглед, а се објави и конкурс за изработка на основен проект и за изведувач. Од буџетот на Општина за 2021 година за почетокот на изградбата беа обезбедени 15 милиони денари, а останатите средства требаше да се предвидат со буџетите за 2022 и 2023 година.
Но, неговиот наследник на функцијата, градоначалникот Тимчо Муцунски ја избриша градежната маркичка за новата општинска зграда во Реонски центар, заедно со маркичката на станбена зграда.
Среќен сум што Советот ја изгласа оваа иницијатива и дека конечно ќе се слуша гласот на граѓаните.На ова место во нашата програма предвидовме да има парк од 5000 метри квадратни со монтесори содржини.
И во Општина Гази Баба, чија администрација е сместена во неколкудецениски стари бараки треба да се гради нов објект. На крајот од 2019 година Општина Гази Баба потпиша договор со инвеститорот УТП Дино ДООЕЛ, компанија од Косово за изградба на општинската зграда на местото на сегашните бараки, спроти хотелот „Континентал“.
Актуелниот градоначалникот Бобан Стефковски постапката ја оспори на суд. Според последните информации оттаму судската постапка била поведена затоа што инвеститорот бил ослободен од плаќање комуналии, но и затоа што општинското земјиште било дадено за изградба, а само 12 отсто од новата градба би припаднало на Општината, а остатокот на инвеститорот. До каде е постапката и што се случува со изградбата, засега нема информации.
После повеќегодишно чекање да заврши изградбата, која беше прекината кога фирмата што ја градеше отиде во стечај, минатата година Општина Ѓорче Петров се пресели во нов административен објект.