
Општина Ѓорче Петров не сака да плати за водата од маалските чешмички, „Водовод“ ги исклучи, некој повторно ги вклучил
Од претпријатието објаснуваат дека Општината не ги признава фактурите за потрошена вода, иако претходно со допис, како што тврдат, ги прифатила сите фонтани на територија на општината. Оттаму не посочија за колкава неплатена сума станува збор, но како што неофицијално дознаваме, Општина Ѓорче Петров должи околу 260.000 денари.
Пет јавни чешмички во Ѓорче Петров минатата недела останаа без вода, откако екипите на ЈП „Водовод и канализација“ ги исклучија затоа што Општината не си ги платила сметките за потрошена вода. Од претпријатието објаснуваат дека Општината не ги признава фактурите за потрошена вода, иако претходно со допис, како што тврдат, ги прифатила сите фонтани на територија на општината.
Препорачано
И покрај постојаните преписки и состаноци со надлежните во Општината, тие продолжија со враќање и непризнавање на фактурите за потрошена вода на фонтаните за пиење вода. ЈП „Водовод и канализација“, континуирано се грижи за обезбедување подобри услуги за граѓаните и ќе продолжи да работи во таа насока, но секако за одредени ставки потребна е и соработка и придржување до постигнатите договори од сите останати засегнати страни – велат од претпријатието.
Оттаму не посочија за колкава неплатена сума станува збор, но како што неофицијално дознаваме, Општина Ѓорче Петров на претпријатието му должи околу 260.000 денари. Од Општината, пак, и покрај нашите обиди да добиеме одговор зошто не ги плаќаат сметките, па поради тоа жителите не можат да ги користат чешмичките на високите летни температури, со денови не одговараат.
Но, затоа, по неколкудневна суша чешмичките „преку ноќ“ повторно проработеа. Од „Водовод и канализација“ велат дека тие не ги пуштиле во употреба затоа што долгот сѐ уште не е платен.
Исклучените фонтани за пиење вода, вкупно 5, не се приклучени од ЈП „Водовод и канализација“, односно тие се нелегално приклучени. Проблемот со Општината не е надминат, тие сѐ уште немаат реакција до претпријатието. Долгот за испорачаната вода не е подмирен – објаснуваат од јавното претпријатие.
Минатата година „Водовод и канализација“ донесе одлука за поставување водомери на чешмите што се во надлежност на општините, кои по поставувањето на водомерите треба да ја плаќаат потрошената вода, но треба и да ги одржуваат, додека претпријатието ќе се грижи само за оние чешмички лоцирани на јавни површини под надлежност на Град Скопје. Оние што нема да бидат преземени од општините, како што беше соопштено, нема да бидат пуштени во употреба.
Кога гори воздухот, човек нема каде вода да се напие, чешмички ни „за лек“
Така, сега општините се надлежни и за поставување нови фонтани или чешмички и на нивно барање ЈП „Водовод и канализација“ ќе им дава приклучок за вода на кој задолжително ќе биде поставен водомер. Тоа значи сметката за потрошена вода ја плаќаат општините што не е занемарлива ставка особено кога станува збор за оние чешмички од кои водата постојано тече.
Само пет општини ги прифатиле овие обврски, односно за чешмичките во своја надлежност да плаќаат за потрошената вода, меѓу кои и Ѓорче Петров, која, како што тврдат од „Водовод и канализација“, иако со допис прифатила шест чешмички, сега не ги прифаќа петте што беа исклучени од екипи на претпријатието, а потоа некој повторно ги пуштил во употреба.
Најмногу чешмички во своја надлежност има прифатено Општина Аеродром, дури 52, Општина Гази Баба 12 фонтани за пиење вода, Општина Карпош се грижи и плаќа вода за 4, додека Општина Центар има прифатено 11 фонтани за пиење вода. Во Сарај, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Кисела Вода чешмичките, кои се во општинска надлежност, но општините не прифатиле да плаќаат за потрошената вода, не се пуштени во употреба.
Во секоја општина каде што не е прифатено да се фактурира за потрошената вода на фонтаните за пиење, тие се исклучени. Кај прифатените фонтани за пиење вода се подмируваат фактурите за испорачана вода – велат од ЈП „Водовод и канализација“.
Поделената надлежност врз чешмичките, особено летово кога температурите беа континуирано околу 40 степени, најмногу проблеми им создава на граѓаните. И без недоразбирањата околу тоа кој за која фонтаничка за вода е надлежен, во Скопје недостасуваат чешмички, за што граѓаните укажуваат со години наназад. Општините мора да се погрижат и да одговорат на потребите на скопјани.