
Општина Гази Баба ќе дава субвенции за печки на пелети, најмногу по 30.000 денари
Жителите на општина Гази Баба кои ќе купат печки на пелети ќе можат да аплицираат на јавниот повик, објавен денеска, за надоместување на дел од трошоците за набавка на печката. Општината ќе субвенционира до 50 отсто од трошоците, но не повеќе од 30.000 денари по домаќинство, со вклучен персонален данок на доход.
Препорачано
Според јавниот повик објавен на веб-страницата на Гази Баба, право на учество имаат жителите на Гази Баба кои ќе купат печка на пелети од денеска па до денот на завршувањето на повикот, 30 ноември годинава, односно се до исцрпување на финансиските средства предвидени за оваа намена во општинскиот буџет за 2025 година.
На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во истиот – се вели во повикот.
Притоа, секој граѓанин што ќе аплицира на огласот задолжително мора да ги исполнува сите подолу наведени услови:
- да е жител на општина Гази Баба
- да нема искористено субвенции за купување на печки на пелeти/инвертери од било кој друг извор на Република Северна Македонија,
- да е корисник на печка на дрва, јаглен, нафта или мазут,
- набавениот уред да биде купен во 2025 година, во период од денот на објавување на јавниот повик и печката да биде инсталирана на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот;
- станбениот објект да не е во фаза на градба и барателот да живее во него;
- да нема приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, без оглед на тоа дали го користи или бил корисник,
- да има платено данок на имот за станбениот објект во кој ќе биде инсталирана печката на пелети заклучно со 2024 година
Исплатата на одобрените средства ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања по принципот „прв дојден прв услужен“ и по донесување на решенија за одобрување на барањата од страна на градоначалникот на Општина Гази Баба.