Фото: Слободен печат

Опозицијата бара снимање на дебатата на работните групи во Битолскиот совет за ребалансот на буџетот

Кога се мислеше дека со формирањето на работните групи кои треба да ги вклопат амандманите предложени од советничките групи во рамката на буџетот ќе се надминат разидувањата во Советот на Битола и дека ребалансот ќе биде поддржан, недоразбирањата во советничките групи повторно ескалираа.

Од СДСМ денеска испратија барање до претседателката на Советот Габриела Илиевска во кое стои:

Во интерес на точното и навремено информирање на битолската јавност за случувањата на состаноците на работните групи коишто работат на ребалансот на буџетот на Општина Битола изгласан на 11 јули 2023 година, во име на советничката група на СДСМ и Коалицијата бараме да обезбедите видео и аудио снимање на состаноците и нивно јавно објавување на платформа која сте во можност да ја обезбедите-побараа советниците на СДСМ, Петар Николовски и Елена Кромидаровска Маховска.

Советниците на СДСМ вчера реагираа дека наместо ребалансот со амандманите едногласно изгласани од сите советници на 29-тата седница што се одржа на 11 јули, на работните тела им се подметнувал документ составен од неколкумина откако ребалансот не беше вчитан во Министерството за финансии.

Тргале едни, додавале други амандмани согласно нивните желби, а не како што одлучи Советот на Општината.

Советниците во работните групи работат без материјали кои треба да ги обезбеди општинската администрација, но, очигледно под притисок на градоначалникот се кршат процедури и закони за што СДСМ ќе поведе постапка за утврдување на одговорност. Оваа лакрдија со ребалансот на буџетот на општината во режија на Коњановски и неколкумина негови блиски соработници досега не е видена во ниту една општина во Македонија-реагираше советничката на СДСМ Јадранка Павловска.

Предлогот на СДСМ за снимање на состаноците на работните групи веднаш беше прифатен од претседателката на Советот Илиевска и работата на работните групи уште денес ќе бидат прикажана на Јутјуб каналот на Општина Битола.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираа дека хаосот во формираните работни групи во Советот на Општина Битола го креираат советниците на СДСМ и Левица.

-После денешните делумно одржани состаноци на работните тела СДС се обидува за делумното функционирање на работните тела вината да ја префрли на градоначалникот Тони Коњановски.

Сакаме уште еднаш да ги потсетиме СДС дека на последната седница се донесе едногласна одлука на која за координирање на работните тела е задолжена претседателката на Советот, а додека во формираните работни тела се претставници од сите советнички групи.

Согласно договорениот распоред со цел донесување на функционален ребаланс на буџет на Општина Битола денес од непознати причини советниците на СДС и Левица не присуствуваа на едното работно тело и немаше кворум за работа. Уште еднаш ги повикуваме сите советници сериозно да ја сфатат функцијата која им ја довериле граѓаните бидејќи за тоа се избрани и платени. СДС треба да бидат искрени и да кажат дали сакаат да биде донесен функционален ребаланс или сакаат да бараат дежурни виновници и од тоа ситно политички да профитираат-стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот Тони Коњановски смета дека со овој предлог ребаланс на буџетот, се вклопени најголемиот број од предлог амандманите, дадени на последната седница, но структурирани во соодветна форма, која е во согласност со законот и нема да го попречи вчитувањето од страна на Министерството за финансии.

Предлог ребалансот на буџетот, ја задржува основната форма на претходниот предлог и истиот е надополнет и со други капитални проекти. Оттука, апелирам до сите советници дека секој добронамерен и буџетски одржан предлог ќе биде земен предвид со ребалансот, само со една и единствена цел, да не се блокира функционалноста на градот. На Битола и требаат разумни проекти, изгласани од мнозинството на советници, коишто ќе го препознаат квалитетот на проектите, во интерес на граѓаните на Општина Битола-посочува првиот човек на Битолската локална самоуправа, градоначалникот Тони Коњановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот