Фото: Профимедиа

Опасна бактерија може да се спакува во сендвич и салата, прославите потенцијал за размножување на листерија

Листерија моноцитогенес е бактерија од животинско потекло и најмногу може да се најде во сувомесни производи. Таа дава неспецифични симптоми, кои се типични и за грип. Пред десетина години во земјава се случи мала епидемија од листерија, а беа забележани и смртни случаи

Хрватско сушено свинско месо наменето за полскиот и за словенечкиот пазар, сушени рибји филети со потекло од Германија, француско сирење, чаден лосос од Норвешка наменет за словенечкиот пазар, германско месо, замрзната, печена патка од Косово, пилешки шницли од Германија, сурово овчо млеко, салата и разни видови сирења од Франција, како и чаден лосос од Шпанија, се загадени со бактеријата листерија моноцитогенес, алармира РАСФФ, кој е контакт точка со системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ.

Овие производи се со сериозна ознака и се откриени за само 1 месец (од 3 мај до 3 јуни). Листерија моноцитогенес е бактерија од животинско потекло и најмногу може да се најде во сувомесни производи. Таа дава неспецифични симптоми, кои се типични и за грип. Пред десетина години во земјава се случи мала епидемија од листерија, а беа забележани и смртни случаи.

Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА), пред две години направи процена на ризикот по јавното здравје од контаминацијата со листерија преку зеленчук што е обарен во топла вода или на пареа пред да се замрзне. Заклучокот е дека ризикот поврзан со консумирање на овие производи е помал отколку кај производите што се готови за консумирање како што е димената риба, зготвеното месо, колбасите, паштетите, или младото сирење, кои најчесто се поврзуваат со контаминација со оваа бактерија. Последен ваков случај кај нас е детектиран пред две години, кога од пазарот беа повлечени виршли од брендот „вуди“, кај кои во земја членка на ЕУ беше утврдено присуство на бактеријата листерија. Бидејќи е сезона на свечености, прослави и свадби, граѓаните треба да внимаваат.

Домашните експерти велат дека оваа бактерија во зеленчукот не може да биде присутна со голема концентрација и да предизвика сериозни последици по здравјето на граѓаните. Најчесто ги напаѓа бремените жени, децата и хронично болните, но и здрав човек може сериозно да се разболи поради неа ако ја внесе во големи количини. Се лекува со антибиотска терапија.

Европските експерти ја нагласуваат важноста од следење на средината во која се преработува храната во однос на листеријата, бидејќи таа може да опстане во средината во која се преработува храната и тоа може да доведе до контаминација на храната.

– Клучен фактор е обезбедување добри хигиенски практики, како што е складирање на замрзнат зеленчук во чист замрзнувач или фрижидер, на соодветна температура и почитување на насоките за безбедно приготвување што се наоѓаат на означувањето. Главно, ризикот е значително помал доколку зеленчукот правилно се приготвува по неговото одмрзнување. Оваа процена беше иницирана по појавата на листерија во повеќе земји, а со која беа зафатени 53 лица и предизвикани 10 смртни случаи, во периодот помеѓу 2015 и 2018 година – предупредија од ЕФСА.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, бактеријата се размножува на ниски температури и е толерантна на сол, затоа може да преживее во преработена, конзервирана храна, како и храна што се чува во фрижидер.

За храна што најчесто се поврзува со ширење на листериоза се смета: замрзнато месо и виршли; преработки од месо и риба; непастеризирано млеко и млечни производи какви што се меко сирење, путер и млеко, особено ако се направени од непастеризирано млеко; претходно подготвени салати и сендвичи. Може да се пренесе и преку контаминиран зеленчук и овошје, особено лубеница и диња.

Од 2022 до 2023 година, листеријата царуваше во десетина европски земји

Како што пренесува „Агроклуб”, меѓу 2022 и 2023 година листерија моноцитогенес е откриена во Австрија, Белгија, Италија, Германија и Холандија, каде што се забележани 17 случаи на болест и два смртни случаи.

Заболеле главно постари лица, според податоците што може да се следат од 2011 година. Со напредните техники на молекуларната типизација, европските експерти идентификуваа варијанта на листерија моноцитогенес, која е откриена во повеќето случаи меѓу 2022 и 2023 година. Анализата на податоците укажува на врска со две институции во Литванија во истиот период.

Утврдено е дека всушност тие ги внеле контаминираните рибји производи во малопродажбата на пазарот во Германија и во Италија. Минатата година, Европската агенција за безбедност на храна ЕФСА предупреди за тенденцијата на зголемување на заболените од листериоза, особено помеѓу 2009 и 2013 година. Една од причините е растот на потрошувачката на готова храна. За разлика од сите други патогени, листеријата се размножува дури и при температури на складирање храна во фрижидер. Карактеристично е што може да предизвика менингитис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот