
ООН отвори истрага по тврдењето на Трамп дека бил жртва на „тројна саботажа“
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ја извести Постoјаната мисија на САД при Светската организација дека е наредена детална истрага по барање на Вашингтон за наводните инциденти што се случиле за време на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп во Генералното собрание на ОН.
Препорачано
Портпаролот на генералниот секретар, Стефан Дуџарик, изјави дека Обединетите нации се подготвени целосно и транспарентно да соработуваат со надлежните американски власти. Трамп, кој се обрати на генералната дебата на 23 септември во Њујорк, еден ден подоцна побара итна истрага во врска со, како што ги нарече, „тројни саботажи“ – инциденти поврзани со ескалатор, телепромптер и озвучување.
„Ова не беше случајност, ова беше тројна саботажа во ОН. Треба да се срамат. Испраќам примерок од ова писмо до генералниот секретар и барам итна истрага“, напиша тој во објава на неговата мрежа Трут Соушл (Truth Social). Првиот инцидент се случил кога Трамп и првата дама Меланија Трамп се качиле на ескалатор во зградата на ОН, кој нагло застанал. „Неверојатно е што Меланија и јас не паднавме со лицето напред врз острите рабови на овие метални скали. Само тоа што цврсто ги држевме рачките спречи катастрофа“, напиша Трамп.
Тој потсети на напис во британскиот Сандеј Тајмс, според кој службеници на ОН претходно се шегувале дека би можеле да исклучат ескалатор за да го понижат американскиот претседател. „Оние што го сторија тоа треба да бидат уапсени!“, додаде тој. Вториот проблем бил со телепромптерот, кој престанал да работи во текот на неговиот говор. „Можам само да кажам дека кој и да го управува овој телепромптер е во големи неволји“, изјави Трамп.
Подоцна од ОН беше соопштено дека уредот не бил во нивна надлежност, туку го донела и користела делегацијата на Белата куќа, која ги приклучила сопствените лаптопи во системот на ОН. Третиот инцидент се однесува на озвучувањето во салата. Според Трамп, звукот бил „целосно исклучен“ и „светските лидери не можеа ништо да слушнат без слушалки за превод“. Од ОН објаснија дека системот е дизајниран говорите да се слушаат преку слушалки со превод на шест јазици, и дека не се забележани поголеми технички проблеми. Белата куќа ги поддржа тврдењата на претседателот.
Портпаролката Каролин Левит на платформата „X“ напиша:
„Ако некој во ОН намерно го запрел ескалаторот токму кога претседателот и првата дама стапија на него, мора веднаш да биде отпуштен и истражен“. Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, исто така оцени дека инцидентите се „неприфатливи“ и „симптоматични за расипана институција која претставува сериозен безбедносен ризик“.
„САД нема да толерираат закани за нашата безбедност и достоинство на меѓународни форуми. Очекуваме брза соработка и одлучна акција“, напиша Волц. ОН, пак, понудија свои објаснувања. Дуџарик изјави дека ескалаторот можеби бил запрен ненамерно од снимател од делегацијата на Трамп, кој се движел наназад снимајќи го парот, и на тој начин ја активирал безбедносната команда за итен прекин.
Друг портпарол, Фархан Азиз Хак, повтори дека телепромптерот бил опрема на американската делегација и прашањата треба да се упатат до Белата куќа. Истрагата за инцидентите е во тек.