
ОН можат повеќе
Потребно е да се пропише дека ветото во Советот за безбедност на ОН не може да се користи при масовни злосторства какви што се геноцид или злосторства против човештвото
Мојот познајник, кој дел од летниот одмор го помина во Лимасол на Кипар, ми рече дека се изненадил кога на тој остров видел војници на Обединетите нации, бидејќи сметал дека во таа поделена држава меѓу грчката и турската заедница веќе нема потреба од меѓународни воени сили. Му објаснив дека Мировната операција на ОН (UNICYP) на Кипар е најдолгата мисија на светската организација, воспоставена уште во 1964 година, и дека сините беретки таму сè уште се потребни, бидејќи во рамките на својот мандат, на многубројни пунктови го контролираат движењето на луѓето и на стоката меѓу северот и југот на островот.
Препорачано
Освен оваа на Кипар, Обединетите нации денес во светот имаат уште 10 активни мировни мисии, во кои има околу 66.000 луѓе, од кои 53 илјади војници, седум илјади полицајци и околу шест илјади припадници на цивилен кадар.
Мировните мисии претставуваат централен елемент на меѓународното реагирање на конфликтни ситуации меѓу државите и обезбедуваат основна безбедност за милиони луѓе, како и за кревките институции во времето по конфликтите. Меѓутоа, американскиот претседател Доналд Трамп, говорејќи на Генералното собрание на Обединетите нации минатата недела, остро ја критикуваше ефикасноста на ОН, порачувајќи дека организацијата има огромен потенцијал, но дека премногу често „сè останува на остри писма“. Тој додаде дека ОН не ги запираат војните и дека нивната работа мора да се „мери со резултати, а не со декларации“. Кога ќе заврши и како ќе заврши некоја војна, баш и не зависи од ОН, туку од преговорите на завојуваните страни, а тука светската организација може да биде само посредник и, со согласност на двете страни, може да испрати мировни сили.
Дали Обединетите нации, во постојниот облик, како организација дојдоа до својот крај – тоа прашање, особено поради можноста за вето во Советот за безбедност, често се поставува во светските медиуми од запад до исток, а два главни примери се руската агресија на Украина и израелското чистење на Појасот Газа. Генералното собрание на ОН ја осуди руската агресија, но во Советот за безбедност Русија користеше вето, па нема санкции ниту колективна акција, а истото тоа тело не можеше да одлучи ниту за прекин на израелската окупација на Газа и убивањето на палестинските цивили, бидејќи Соединетите Американски Држави ставија вето.
Целосно укинување на ветото не е реално, бидејќи постојаните членки на Советот за безбедност тоа никогаш нема да го прифатат, но треба да се пропише дека ветото не може да се користи кај масовни злосторства (геноцид, воени злосторства, злосторства против човештвото) и да се воведе „колективно вето“ – на пример, за блокада на одлуката да бидат потребни барем две или три постојани членки, не само една.
Се бара и проширување на бројот на постојани членки на Советот за безбедност, кој се состои од 15 земји членки на ОН, од кои пет постојани (САД, Кина, Франција, Велика Британија и Русија) и десет непостојани. Постојани членки на СБ сакаат да бидат Германија, Јапонија, Индија и Бразил, а Африка бара барем две постојани места, меѓу кои се споменуваат Нигерија, Јужноафриканската Република и Египет.
Професорот д-р Мухамед Смајиќ, кој со години научно го проучува дејствувањето на Обединетите нации, се согласува со констатацијата дека ОН често се анахрони, тромави, а понекогаш дезориентирани и истакнува: „Обединетите нации, без оглед на бројноста на членовите, нивните тела и специјализирани агенции не станаа наднационална организација, бидејќи сè уште во светот владее принципот на нации-држави. Обединетите нации се често меѓу високите очекувања и реалноста на современиот свет“. Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации, свесен за губењето на важноста на ОН, се обиде со неколку иницијативи да најде модел за успешно функционирање на ОН во иднина, но резултатите од сите тие иницијативи се практично занемарливи. Во заклучокот за спроведувањето се истакнува дека за постигнување на посакуваните резултати ќе биде потребна засилена политичка волја, финансиски вложувања и меѓународна соработка. Но, ништо од тоа во моментов не е на повидок.
Значи, различноста на погледи и ставови на членките на ОН беше пречка за нивното поефикасно дејствување. Од оваа временска дистанца од воспоставувањето и сè поголемата употреба на терминот нов светски поредок, тоа претставува и пресвртница во поглед на улогата на Обединетите нации во обезбедувањето мир и безбедност во светот. Токму тоа е и клучната, а веројатно и најпредизвикувачката содржина во неопходните реформи на кои треба да пристапат Обединетите нации. Тоа е нешто за што се зборува веќе со децении, па е и прашање кога и на кој начин ќе следува таа долгоочекувана и потребна реформа на ОН. Во секој случај, ОН мора да бидат над господарите на војната.
Расправата на Генералното собрание на ОН минатата недела покажа дека светската организација и покрај сè е потребна, бидејќи таков авторитет е сè уште императив за мир.
Ослобоѓење
(Авторот е воено-политички аналитичар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“