
Околу 10 милиони евра наменети за поголема вработливост останале неискористени
Ланскиот Оперативниот план за вработување тежел 32 милиони евра и во него имало многу мерки. За некои мерки имаме и поголем интерес од издвоениот износ. За некои, пак, интересот е доста помал. Затоа, ние постојано ги анализираме мерките и секогаш во наредната година имаме корекција, онака како што сме согледале од тековната година, велат од Агенцијата за вработување.
И покрај тоа што сите стопанственици во државава се во потрага по вработени, во Агенцијата за вработување има 101.510 невработени што изјавиле дека активно барат работа и уште 46.201 кои се таканаречени „пасивни баратели на работа“. Секоја година државата издвојува солидна сума за да ја зголеми вработливоста, а пари има и од други извори.
Препорачано
Активните мерки се многубројни: поддршка за самовработување, субвенционирање плати, поддршка за вработување лица со попреченост, обука кај познат работодавач, стручни обуки според барања на работодавачи, обука за ранливи повратници од ЕУ, обуки за напредни ИТ-вештини, практикантство… За овие мерки минатата година биле планирани речиси 32 милиони евра, а биле искористени околу 22,2 милиони евра, или 76,4 отсто од парите, пресмета Агенцијата за вработување. Планираниот опфат со оваа мерка бил 14.329 лица, а ја искористиле 12.785 наши сограѓани.
Ако се споредат бројките од оваа со претходната година, може да се забележи дека во 2023 година искористеноста е поголема од онаа во 2022 година кога била само 69,5 проценти од планираните пари.
Од Агенцијата за вработување велат дека би било добро да се искористат сите пари, но дека е тешко сите мерки да одговараат целосно на интересот.
– За некои мерки имаме и поголем интерес од издвоениот износ. За некои, пак, интересот е доста помал. Затоа, ние постојано ги анализираме мерките и секогаш во наредната година имаме корекција, онака како што сме согледале од тековната година. Ретко за некоја мерка износот целосно е искористен. Дури и да имало на почетокот повеќе апликации од износот, обично на крајот искористеноста е помала. Секако, идеално е секоја мерка целосно да се искористи, но реално, тоа е речиси невозможно – изјавија од Агенцијата за вработување.
Мерките се многубројни. На пример, самовработувањето е особено атрактивна мерка, за која често се зборува меѓу младите. Лани, на овој начин било предвидено да се отворат 1.614 работни места. За реализација на секое самовработување имало неповратни 307.500 денари или до 615.000 денари доколку се основа правен субјект од два содружника, како и 3.000 денари за покривање на дел од трошоците за регистрација на фирмата. Лани за мерката биле пријавени 2.078 лица, а биле склучени договори со 1.501 лице, или оваа мерка имала реализација над 92 проценти.
Но, на пример, за мерката Обука кај познат работодавач, лани биле заинтересирани 21 работодавач за обука на 42 работници, ама склучени биле договори само со 9 фирми за обука на 15 работници.
Се вршеле и обуки и полагања во лиценцирани автошколи за возач на категориите „Ц“ „ЦЕ“ и „Д“. Целна група биле 100 невработени лица од евиденцијата на АВРСМ. На огласот се пријавија 192 невработени, а договори биле потпишани со 100.
Со Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година беа утврдени програмите, мерките и услугите за вработување, кои обезбедуваат креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на младите, долгорочно невработените и корисниците на права по основ на гарантирана минимална помош, велат од Агенцијата.
„При имплементацијата на програмите и мерките за вработување, се почитуваа следните основни принципи: принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор во согласност со принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или која било друга ранлива категорија граѓани, во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот; поттикнување рамномерен регионален развој, во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во Република Северна Македонија, притоа земајќи ги предвид и бројот на евидентирани невработени лица во центри за вработување што припаѓаат во регионот“, пишува во Извештајот на Агенцијата за вработување за 2023 година.
Оттаму велат и дека настојувале во секоја програма застапеноста на младите до 29 години да биде најмалку 40 проценти. Информирањето на невработените лица и на работодавачите за можноста за учество во програмите, мерките и услугите се одвивало на повеќе начини: преку телефон, СМС, е-пошта, јавни повици, тврдат од Агенцијата