
Официјално: Влатко Костов нов тренер на ФК Пелистер
Поранешниот стратег на Ренова кој со тетовскиот клуб освои титула и куп, Влатко Костов од денес е нов тренер на битолски Пелистер.
Препорачано
Костов во Битола доаѓа со цел да го врати Пелистер во прволигашката конкуренција откако тимот сезонава заврши на четвртата позиција зад Гостивар, Воска Спорт и Вардар. Во изминатата сезона битолчани сменија двајца стратези, прво Марјан Секуловски, а по крајот на сезоната замина и Бобан Бабунски.
„Мене ми е чест што ја добив довербата од клуб каков што е ФК Пелистер и луѓето што го водат клубот. Заедничка цел ни е ПМФЛ и од првиот ден ќе работиме на тоа“, изјави Костов на промоцијата.
Во кариерата како играч Костов го носеше дресот на Пелистер од 1988 до 1990, задоволство од соработката истакна и Митко Стојковски кој е претседател на клубот.
„ФК Пелистер денес постигна договор со Влатко Костов еден од најеминентните тренери во Македонија. Човек кој го носел овој дрес на ФК Пелистер знае што значи ФК Пелистер во Македонија. Со самото негово назначување ги покажуваме своите амбиции а тое е ПМФЛ“, изјави Стојковски.